Во македонското Собрание денеска свечена изјава даде судијката Антоанета Димовска, која е нов член на Судскиот совет. Со неа, не дојде Наке Георгиев, кој денеска писмено го извести Судскиот совет дека поднесува оставка. Со Димовска во Собранието беше претседателот на Судскиот совет Сашко Георгиев.

Точно е дека во текот на денешниот ден колегата Наке Георгиев поднесе писмена оставка до Советот и од тие причини не се јавил на закажаната заклетва денеска. Тоа го контатиравме. Тоа е негов личен чин, негова причина и негова одлука. Веројатно би требало него да го прашате од кои причини со оглед дека беше претходно избран од страна на колегите од Врховен суд, а од друга страна следуваше заклетва за да почне да работи во Советот, изјави Георгиев.

Во писмената изјава што ја доставил Наке Георгиев до Судскиот совет само е нотирано дека се откажува од член на Судски совет, вели претседателот на Советот. Појаснувајќи ја постапката за избор на нов член вели дека во скоро време од страна на Советот повторно треба да се огласи формирање на Комисија за спроведување на избори и од редот на Врховниот суд ќе треба да се кандидираат судии кои би имале намера и желба да бидат членови на Судскиот совет.

За тоа дали е точно дека судијата Наќе Георгиев ја поднел оставката за да овозможи неговиот син да биде судија во Кривичен суд, како што наведуваат дел од медиумите, претседателот на Судскиот совет вели факт е оти синот на Георгиев е кандидиран за судија, но и дека Советот е ставен пред состојба да мора да се изјасни или да изврши избор за некој од судовите каде што конкурира.

Факт е дека неговиот син е завршен академец од Академијата за судии и обвинители. Факт е дека истиот е кандидат за судија и дека има толкување согласно Законот дека би било пречка доколку тој е член на Советот, а од друга страна за судија да се бира неговиот син. Дали е од тие причини (оставката), сепак би требало тој да си каже, но факт е и дека тоа е на некој начин дилема меѓу самите колеги дали во ваквата фаза, тоа е услов да се врши избор на неговиот син или да не се врши согласно законските прописи. Со оглед дека неговиот син е ставен на листата на судии, Советот е ставен во состојба во која мора да се произнесе или да изврши избор за некој од судовите каде што конкурира (синот), изјави Георгиев.

Судијката Димовска, која денеска даде свечена заклетва како нов член на Судскиот совет вели дека ова за неа значи чест, но и голема одговорност.

Се пријавив на конкурсот за да придонесам со своето искуство и знаење да се подобри сликата за судството. Знаеме дека сликата за судството во овој миг не е многу добра но постојат луѓе кои имаат сила, знаење и интегритет да ја подобрат таквата слика. Мислам дека ќе дадам скромен придонес, ќе дадам се од себе сликата да се подобри. Првиот чекор што би го направила во Судскиот совет е на седниците што се снимаат од медиумите за секој предлог „за“ и за секој предлог „против“ да се образложи. Тоа е она што мене ми пречеше порано, за што реагирав и во 2017 година. Тоа го очекуваат колегите од мене и тоа ќе го направам и ви ветувам дека тоа ќе го чуете наскоро, истакна Димовска.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.