Претседателот на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари денеска се очекува да се сретне со претседателот на Собранието на партијата Зијадин Села. На денешната средба, како што информираат дел од медиумите, Таравари се очекува да го информира Села за понудата произлезена од средбата од пред два дена на претседателот на Алијансата за Албанците со тројцата претседатели на Европскиот сојуз за промена – Изет Меџити, Биљал Касами и Африм Гаши со косовскиот премиер Албин Курти во Приштина.

Додека, Села изјави дека Таравари не се координирал со него пред средбата во Приштина, Таравари во куса изјава за МИА нагласува дека уште истата ноќ го информирал Села за тоа што се зборувало на средбата.

Го имам информирано Зијадин, уште таа ноќ кога се случи средбата. Инаку, ние сме имале редовни средби, рече Таравари.

Села како претседател на партиското Собрание синоќа остварил средба со претседателит на ограноците на партијата. Нема официјални информации за што зборувал Села со нив на средбата, но според споделената фотографија од некои претседатели на ограноците на социјалните мрежи се гледа дека не присуствувал Таравари.

Претседателот на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари во изјава за МИА потврди дека партиите од албанската опозиција му предложиле тој да биде нивен кандидат за претседател на претстојните избори, но истакна дека тој не е заинтересиран.

Албанската опозиција има разговарано со мене јас да бидам претседателски кандидат, но јас не сум заинтересиран, рече Таравари.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.