Три години трае борбата на Хенри де Грааф, роден Димитров, во Кралството Холандија, со македонските институции и администрација. Небулозите и нелогичностите со кои секој од нас барем еднаш се соочил по ходниците и шалтерите, не го поколебуваат 26-годишникот да продолжи да го бара она што од раѓање му следува – македонско државјанство.
Вели, моите пријатели и семејството ми велат дека сум луд што до толку се мачам да го добијам моето државјанство, но јас сакам да се враќам тука, сакам да бидам македонски граѓанин, сакам да придонесам за подобар стандард на животот во Македонија.
Привилегиран сум што сум роден и израснат во Холандија, по мое мислење една од најразвиените демократии во светот и има навистина многу работи кои Македонците можат да ги научат од Холанѓаните, кога станува збор за владеење со една земја, вели тој.
Де Грааф, чија мајка е Македонка, која сè уште има македонско државјанство, преку својот адвокат започнал постапка да докаже дека има македонско државјанство од самото раѓање поради потеклото на неговата мајка. Откако од страна на Министерството за внатрешни работи неговото барање е одбиено, бидејќи не ги исполнил условите на членот 5 од Законот за државјанство на Македонија, тој решава правдата, за која знае дека е на негова страна, да ја побара и во Управниот суд.
По долга постапка тој конечно во рака има пресуда од Вишиот управен суд, во која се потврдува дека тој приложил доволно докази дека е македонски државјанин по основ на потекло, врз основа на различен член од Законот за државјанство.
Поточно, според член 4, став 1 точка 3, што е алтернативна правна основа, Де Грааф веќе е македонски државјанин, бидејќи во надлежната матична книга во Холандија, тој бил заведен само како дете на Македонка, додека податоците во делот за неговиот татко останале празни.
Судот му потенцира на МВР дека не треба да го одбива барањето на Де Грааф повикувајќи се на член 5, зошто за него важи друг член, односно невозможно е двата члена да важат за едно лице, бидејќи тие се суштински различни ситуации.
Но, МВР не ги зема в обѕир укажувањата од судот кој го поништува решението на Министерството според кое тој нема основ да добие македонско државјанство. МВР носи ново решение со кое повторно се одбива неговото барање, повторно повикувајќи се на различен член и целосно и бесрамно го игнорира Судот.
Правдата ја бара преку Државниот управен инспекторат каде поднесува претставка, но и тоа не вродува со плод и повторно во круг, Хенри одново ќе мора да се влече по судниците за да го докаже она што веќе го докажал – дека е Македонец по раѓање.
Гледајќи ја оваа ситуација од перспектива на Холанѓанец, ужаснат сум од администрацијата во Македонија, но и владата. Постојано повторуваат дека овде се работи на владењето правото и дека стандардите се приспособуваат на оние во ЕУ. Не се ни блиску. Секако, ни приближно до стандардите во кои уживам во Холандија, вели меѓудругото Хенри.
Каде е проблемот?
Кој е следниот чекор и каде е проблемот во случајот на Хенри? Додека ги чекаме одговорите од МВР, да потсетиме дека еден од најголемите скандали во министерството под водство на Оливер Спасовски од самото негово основање секако е аферата „Мафија“, кога беше откриено дека криминалци од целиот свет добивале македонски пасоши со нов идентитет – сосема легално.
Кому му е трн во око момче со мајка од Виница кое има право на македонско државјанство и документи, а не може да го искористи?
Де Грааф се сомнева дека можеби тоа е неговата работа како млад правник и неговото интересирање во Македонија и македонските прашања, конкретно – Преспанскиот договор.
Како што објаснува Холанѓанецот, тој од холандското Министерство за надворешни работи ги побарал сите информации кои ги поседуваат за промената на името на Македонија, вклучително и случувањата во македонското Собрание за време на спроведувањето на договорот од Преспа, каде владата предводена од СДСМ, како што вели тој, сериозно ги прекрши принципите на поделба на власта, што е нешто што е суштинско да се заштити во сите современи демократски земји.
Во согласност со законот, холандското МНР беше обврзано и побара од македонските власти мислење за објавување на овие документи, па Хенри се сомнева дека проблемите околу неговата процедура се предизвикани можеби затоа што „собрале два и два“ за кое лице станува збор.
Тој вели дека е разочаран и од холандската влада, бидејќи тие многу добро знаат за целокупната лоша ситуација во која е Македонија во однос на политичката контрола врз јавниот обвинител и судството, но што е уште поважно, тие мора да биле свесни што тоа поранешниот премиер Зоран Заев им го направи на македонскиот народ и на нивниот Устав.
Холандската влада секогаш вели дека многу се грижи за владеењето на правото и на демократијата низ светот, но интересно е што во овој случај решија да ја свртат главата на другата страна, а за да бидат работите уште полоши, сакаат да го наградат ова антидемократско и незаконско однесување со членство во ЕУ, вели тој.
На страна неговите претпоставки дека некој можеби го има на пик неговото однесување и интересирање, Хенри, како и секој граѓанин кој се соочил со слични административни пречки прашува – зошто кога сите аргументи се на моја страна, не можам да завршам работа во Македонија?
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.