Доколку лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски својата кампања ја води со ставови против Бугарија и се противи на вклучувањето на Бугарите во Уставот на земјата, тоа ќе го блокира патот на Република Македонија кон ЕУ, изјави бугарскиот европратеник и известувач на Европскиот парламент за земјава, Илхан Ќучик.

Процесот на преговори меѓу ЕУ и Република Македонија се уште не е започнат, бидејќи се чека да заврши скринингот, кој ќе потрае извесно време. Од бугарското искуство знаеме дека тоа трае од година и половина до две години и мора да се дадат оценките за тој скрининг, вели Ќучук за софиската телевизија бТВ.

Тој нагласува дека „францускиот предлог“ за деблокирање на евроинтеграцијата на земјава претставува предлог на Европската Унија, бидејќи е прифатен со консензус од сите членки на ЕУ, ја доби и потребната политичка поддршка, како во бугарското, така и во македонското Собрание.

Согласно „францускиот предлог“, преговорите на земјава по кластери и поглавја треба да почне по завршувањето на процесот на скрининг, но и по вклучувањето на Бугарите во Преамбулата на Уставот во редот на останатите делови од народи што живеат во државата.

За жал, во македонскиот Парламент, „францускиот предлог“ беше прифатен само со гласовите на владејачките и дел од опозициските партии. Најголемата опозициска партија категорично се спротивстави на овој предлог.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.