Треба да постои одговорност и таа да се лоцира. Сериозно треба по овој случај, да се размисли и во делот на доделувањето таков вид државјанство, во „Само интервју“ на Канал 5 телевизија, изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во врска со случајот со украинскиот државјанин Олександер Онишченко, кој иако бил на црната листа на САД, сепак, добил македонски пасош.

Спасовски информира дека е готов извештајот на МВР и тој ќе биде доставен до претседателот на Собранието и до надлежното Обвинителство. Според него, има и технички пропуст, што не е од сега, туку е од многу од поодамна.

Се прибираат уште докази и ќе ги видиме насоките што ќе бидат дадени, во делот на Јавното обвинителство. Јас се сомневам дека е можно да биде искористен тој практично технички проблем во системот за да може нешто вакво да се случи. Ние имаме извештај и во извештајот посочуваме одредени работи што треба да бидат превземени, а ќе видиме секако и според насоките на Јавното обвинителство и понатаму да се продолжи во собраниската Комисија во која ќе треба да се дебатира, појасни Спасовски.

Тој прецизира дека МВР нема надлежност да дава позитивно мислење, туку во други постапки во делот на државјанството тоа го прави Одделот за управни работи. Тој додаде дека во ваков случај, одлука носи Владата врз основа на сите мислења што се потребни во овој дел.

Мојот став секогаш на Влада бил многу јасен и концизен дека не смее да се даваат државјанства, иако се има дискреционо право за тоа да се добива државјанство ако имаме негативни мислења без разлика од каков тип. Меѓутоа сериозно сметам дека треба да се разговара на оваа тема и во однос на укинувањето на таква можност за добивање државјанство, изјави Спасовски.

Тој забележа дека не може стратешкото партнерство со САД да се нарушува по ниту една цена, кога оваа земја најмногу не поддржуваа од нашата независност досега.

Најмногу ни помогнаа да ги развиваме капацитетите и најмногу вложија во институциите да бидат функционални, рече Спасовски.

На прашањето дали во овој случај се работи за корупција или можеби за руско влијание во нашите служби, министерот Спасовски одговори дека тоа ќе мора да го покаже внатрешната истрага што ја прави АНБ и тие ќе излезат со свои аргументи и факти.

Целиот овој случај треба да се заврши до крај. Да се расчистат овие состојби, со цел да не се остава ниту една дамка. На крајот од краиштата, секој еден што смета дека некој друг интерес му е поважен од интересот на државата, нему не му е место во безбедносниот сектор, посебно не во АНБ, рече Спасовски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.