Власта и опозицијата најдоа заеднички јазик за повеќе од 100.000 граѓани кои немаат валидни документи да може да гласаат на претседателските и парламентарните избори. Пратениците со 84 гласа за 2 воздржани и ниту еден против ги изгласаа измените на Изборниот законик по скратена постапка со што преку преодна одредба им се овозможува на сите полнолетни граѓани со лична карта или пасош чија што важност истекла во периодот од 9 месеци до денот на одржување на изборите да си го остварат своето право на глас.
Во членот 38 од законските измени стои дека оваа одредба ќе важи само за претстојните избори.
Измените на Изборниот законик ги поднесоа координаторите на пратеничките групи на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса за Албанците и од ДУИ, иако техничкиот премиер од оваа партија, Џафери, вчера се изјасни против предлогот на ДИК за граѓаните да можат да гласаат со стари важечки документи.
Друга позначајна измена во Изборниот законик е дека избирачко право ќе добијат и лицата кои ќе наполнат 18 години до денот на одржување на било кој круг од гласањето и меѓу двата изборни круга, наместо како досегашното решение кое важеше само за оние кои станале полнолетни до првиот круг од претседателските избори.
Преку законските измени се имплементираат препораките на ОБСЕ/ОДИХР нотирани во извештаите за изборите во државата во изминативе години. Се воведува Центар за континуирана едукација во ДИК за обука за изборната администрација, гласачите, како и сите учесници во изборниот процес. Собранието по скратена постапка ги донесе и законските измени за високот образование со кој се унифицираат платите на сите државни универзитети, а вработените во сите универзитети ќе имаат ист статус.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.