Директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски вечерва изјави дека неопафтеното население со Пописот 2021, од 7,3 отсто или 132 илјади граѓани не е неочекувано ако се земат предвид сите работи и оти очекувал тој број да биде поголем. Една од причините, како што рече, е и бојкотирањето на пописот.
Тој образложи дека Пописот 2021 беше спроведуван во временски период кој е несоодветен за попис, кога нашето население користи годишни одмори, во состојба со КОВИД-19, а пред тоа имаше затворени граници и не можеше да се оди на одмор, кога се интензивни работите во земјоделството, на нива, посочи и на немарноста на луѓето… Нагласи дека попишувачите не ги наоѓале овие луѓе, иако им оставале пораки.
Иако дадовме можност за сите. Последните 10 дена од пописот отворивме пунктови каде секој, кој по било кој основ не е опфатен, да се попише, изјави Симовски за Канал 5.
Додаде дека овие 132 илјади граѓани влегуваат во делот на резидентно население, кое се попишува според законот. Според него, ова е нормална појава и секаде се случува.
Прашан за повиците за бојкот на пописот, директорот на Државниот завод за статистика изјави дека нема информации дали некој одговарал кривично или прекршочно.
Не би сакал никој од граѓаните да одговара. На крајот на краиштата, тие кои се одзваа на повикот за бојкот беа изманипулирани граѓани. Клучен е тој што повикуваше на бојкот, инаку граѓаните беа жртви и мислам дека сега сфаќаат, рече Симовски.
Според него, оние што повикуваа на бојкот постигнаа, но не исклучиво само заради тоа, да имаме еден контигнент на население за кое немаме информации.
Симовски рече дека не сака да споменува политички партии или други структури кои повикуваа на бојкот на Пописот 2021.
Секој оној кој повикуваше на бојкот, во суштина правеше само лошо. Тие што повикуваа на бојкот, не и мислат ништо добро на државата и тоа се покажа сега во суштина, подвлече Симовски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.