Две третини од младите сакаат да ја напуштат Македонија. Повеќето од нив, според истражувањето на „Вестминстер“, изјавиле дека не би се вратиле. Токму поради тоа, еден од приоритетите во Националната стратегија за млади 2023-2027 година, која почна да се подготвува денеска, ќе биде спречувањето на иселувањето на младите од земјава, изјави заменик директорот на Агенцијата за Млади и спорт.

80 отсто од моите пријатели или колеги со кои бев во основно училиште не се веќе тука, токму поради таа причина сметам дека тоа е многу сериозен проблем што ги погодува младите и во Македонија и во целиот Западен Балкан. Поради тоа, и во Националната стратегија за млади ќе се обидеме да ги понудиме најдобрите методи и модалитети за да го запреме овој болен процес“, рече Амир Билали, заменик директор во Агенцијата за млади и спорт.

Според последниот попис на населението, од вкупниот број на населението, вкупно 17,8 отсто се млади, што е за 150 илјади млади помалку од 2002 година. Претседателот на Студентскиот парламент при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ вели дека ќе запирањето на иселувањето на младите ќе биде приоритет во новата Стратегија за млади.

Во последниот извештај на Европската Унија се нагласува дека стапката на невработеност кај младите и понатаму е висока, и изнесува 30,1 отсто. Според истражувањата, ова е една од главните причини зошто младите одлучуваат да ја напуштат земјата. Потребата од нова стратегија се јави поради неуспехот во имплементацијата и неусогласеноста на реалните потреби на младите во старата стратегија за млади која беше промовирана во 2016 година.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.