Тензично е на граничниот премин „Деве Баир“, каде падна системот за контрола и во моментот се работи на негово оспособување.

Бугарски државјани кои утрово тргнаа кон Скопје за да се поклонат на гробот на великанот Гоце Делчев, засега не можат да влезат во државата, по што избија и тензии и кавги со граничните полицајци.

Најгласен е претседателот на бугарската фонцдација „Македонија“ Виктор Стојанов, кој објави видео од инцидентот. Во него се слушаат навреди кон македонската полиција, која смирено им вели да се повлечат.

Си го продадовте името на Грција за 5 стотинки, се дери еден од нив.

МВР информира дека системот на граничните премини не се во функција, но екипи работат на негово оспособување . Селективно се пропуштаат само итни случаи, се вели во информацијата од МВР.

Претходно бугарскиот вицепремиер и министер за внатрешни работи Иван Демерџиев, рече дека околу сто до 150 бугарски државјани се очекува да пристигнат во Скопје на одбележување на раѓањето на Гоце Делчев.

Има податоци дека се запрени бугарски граѓани, не знам колку се точно. На крајот на денот ќе имам информација и колку се оправдани мотивите за тоа, изјави Демерџиев.

Тој додаде дека има листа со бугарски државјани, на кои нема да им биде дозволен влез, но како што посочи таа листа не е голема.

Целосна информација во однос на пропуштањето на бугарските државјани на границата и во каков степен тоа одговара на преземените ангажмани од страна на властите во Македонија ќе има кон крајот на денот, рече Демерџиев.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.