Премиерот во сенка, поранешниот премиер Зоран Заев вечерва информира дека бил присутен во Палата Србија во Белград, на завршниот работен ручек на Самитот на „Отворен Балкан“, на покана на претседателот на Србија Александар Вучиќ, каде што се сретнал лидерите на „Отворен Балкан“.

Меѓународниот саем за вино, храна и туризам „Винска визија на Отворен Балкан“ и сите останати соработки кои се договараат и имплементираат во рамки на оваа иницијатива, се само доказ дека Македонија, Србија и Албанија започнаа нова ера на соработка на Балканот, која ќе носи добробит за сите наши граѓани, објави Заев на социјалните мрежи.


Претходно Заев доби голема плакета од Стопанската комора на Македонија поради неговиот придонес за иницијативата што ги спои трите земји од Западен Балкан.

Плакетата му беше врачена на Заев од претседателот на Комората, Бранко Азески, на Саемот за вино, храна и туризам „Винска визија на Отворен Балкан“.

„Благодарам на Стопанската комора за честа што ни ја укажа на лидерите од овие три земји за Иницијативата „Отворен Балкан“, бидејќи само заедно сплотени регионално, можеме да направиме многу повеќе за економиите на сите земји дел од процесот, да обезбедиме поголема економска соработка, повеќекратно зголемување на размената што ќе придонесе за побрз развој на регионот и благосостојба за граѓаните“, рече Заев.

Тој рече дека како бизнисмен, ќе продолжи да ги поддржува сите иницијативи во рамки на процесот Отворен Балкан, бидејќи тие влијаат на „развојот на бизнисите, приходите во буџетите на државите и со тоа влијаат на економската перспектива на регионот на западен Балкан“.

Заев додаде и оти се надева дека и останатите земји од овие простори ќе се приклучат на Иницијативата за сите заедно да чекорат на зацртаниот пат кон Европската Унија.

Комората им го додели ова признание и на албанскиот премиер Еди Рама, српскиот претседател Александар Вучиќ и на македонскиот премиер Димитар Ковачевски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.