Шест месеци затвор, кои нема да се извршат доколку во наредните две години не сторат ново кривично дело, е казната што ја добија Здравко Савески и Владимир Куновски, учесници во „Шарената револуција“, а во врска со демолирањето на канцеларијата на поранешниот претседател Ѓорге Иванов во центарот на Скопје за време на протестите што се одржаа откако тој одлучи да даде масовна аболиција.

Двајцата учесници во „Шарената револуција“ се гонеа за учество во толпа која ќе стори кривично дело.

Одлуката, како што велат од Апелацискиот суд во Скопје, ја донеле по одржана расправа во овој суд.

Носењето на ваквата одлука следува откако предметот по вторпат се најде пред Апелација. Тие првично добија ослободителна пресуда од Основниот кривичен суд Скопје, која второстепениот суд ја укина и го врати предметот на повторно судење. И втората пресуда од Основниот кривичен суд беше ослободителна, по што таа по вторпат се најде пред Апелација од каде што по јавна расправа одлучиле да ги осудат на условна казна. Тие заедно треба да ѝ платат на државата и околу 8 500 евра.

Професорот Савески беше активен учесник во протестите против тогашната одлука на поранешниот претседател Ѓорѓе Иванов за аболиција на осомничените во предметите на Специјалното јавно обвинителство за кривични дела кои произлегоа од незаконски прислушуваните разговори.

Власта си го истера ќефот. Откако преку своите вазали во судството нè малтретираа по судови максималната можна должина од 6 години, во процесот за одамна заборавената и испоганета од нивна страна „Шарена“ – ни пресудија. Виновни сме биле! Виновни зашто протестиравме заради погазувањето на владеењето на правото, што овозможуваше сторители на тешки кривични дела да бидат амнестирани. За таа борба за владеењето на правото ни демонстрираа судиите како се одработува по партиска задача и како може да се пресуди со тотално занемарување на правото на обвинетите да се бранат. Да биде трагиката поголема, тројца од петте судии беа поротници. Во крајна линија, тоа најмногу ме боли. Можеа да реагираат на тоталното газење на процедурата. Ама, не, нивната задача беше да молчат како попчиња и да си кркнат некоја паричка. Никаква граѓанска доблест, никаква граѓанска чест! Никакво чувство за морал да се каже: „Јас во оваа фарса повеќе не учествувам!“. Кога некој ќе проба да ви кажува дека имало демократија, правна држава или правда во Македонија, исмејте му се во лице. Ова што нас ни го направија не е никаков исклучок, туку само уште еден од редицата примери колку е гнил правниот и политичкиот систем. Ми се гади од нив!, напиша на својот фејсбук-профил Савески како реакција на пресудата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.