Шефицата на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, Вилма Русковска ќе се жали на суспензијата од републичкиот обвинител, Љубомир Јовески. Таа за „Сител“ вели дека во рокот од 8 дена својата жалба ќе му ја достави на Советот за јавни обвинители. Не сакаше да ги коментира причините поради кои Јовески се решил да ја суспендира.

Русковска, која ги стави во притвор двајца од тројцата генерални секретари на Владите на СДСМ, се сопна на директорот на финансиската полиција Арафат Муареми, исто така кадар на социјалдемократите. По отворената истрага против него, доби кривична пријава и дисциплинска постапка за наводни пропусти во постапката во која вршеше претрес во неговите канцеларии.

Со својата фотелја се збогуваше и Муареми. Тој вчера во писмено обраќање рече дека си заминува по сопствена волја за да не пречел на истрагата која треба да се води против него.

Денеска Потпретседателот на Владата Бојан Маричиќ со друг став. Вели, Муареми не си поднел оставка туку му истекол мандатот.

Чистката во институциите кои треба да ја носат борбата против корупцијата во Владата велат дека нема да има влијание во намерата да се расчисти со високиот криминал во државата. Владиниот потпретседател денеска потсети на реализираните предмети, но само против функционерите на поранешната власт.

Но суспензијата на Русковска и заминувањето на Муареми доаѓаат на средина од отворената истрага против директорот на финансиската полиција во која Обвинителството за органзиран криминал чека цела пратка на докази за кои смета дека би можеле функционерот на СДСМ да го поврзат со криминал. Во ситуација кога на Русковска и е забрането да се доближува до Обвинителството, останува нејасно кој ќе ја прими и обработи целата документација и какви услови ќе има за реална борба против евентуалната корупција во оваа државна институција.

Суспензија на Русковска веројатно ќе биде една од последните одлуки кои ги донел Јовески имајќи предвид дека тој во моментов го чека мнозинството на СДСМ и ДУИ кое треба да му обезбеди 9 години фотелја како судија во Уставниот суд.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.