Јавноста знае дека наша препорака беше обвинителките и директорот на некој начин да се суспендираат со цел случајот со сомневањата за Финансиската полиција да се расчисти и да добие професионална процесна завршница. Ова навистина и се случи, но многу драматично, со дисциплински и кривични постапки со што вината однапред се префрла врз обвинителките од ЈООКК, што практично влијае врз постапката против директорот Арафат Муареми и евентулно други од Финансиската полиција, вели професорот Гордан Калајџиев во неговата реакција за случајот со Русковска и Муареми објавена на Трилинг со наслов „Крамер против Крамер – Дали Јовески ја предаде Вилма?“.

Русковска направи три грешки, првата – процесната видовме е вообичаена и за неа никој досега не одговарал. За ова треба да одлучи суд а Државниот обвинител можел да издаде некакво упатство во иднина да се избегнуваат вакви практики на штета на човековите права.

Втората, посериозна повреда, се чини беше непромислениот и очајнички повик до странските амбасади и ЕУ. Сериозен обвинител, ако не може да се справи со корупцијата во власта, треба едноставно да си даде оставка. Вака останува еден лош впечаток за системот, дека тој се распаѓа, но тоа впрочем и не е ништо ново.

Третата, најсериозна „грешка“ на Вилма Русковска е што згазила врз нечија нога каде што не требало. Јас барем така мислам, а верувам истото го чувствува и јавноста. И оттаму сета оваа лакрдија, братоубиствена војна, прогласи, дисциплински постапки…

Ако постапката против ВД директорот на Финансиската полиција Арафат Муареми навистина е толку загрозена од злоупотреби и непрофесионалност, тогаш РЈО треба истата да ја сопре како злоупотреба на постапката (Аbuse of Process) и да се отвори нова страна во концептот за фер судење пред нашите судови. Во таков случај, одговорност треба да се бара и од судијата што го наредил претресот.

Јовески има и друг проблем, одземањето на предмет на ЈООКК согласно чл. 29 од ЗЈО е многу ограничено, и можно само по согласност на Русковска и тоа заради одолговлекување на постапката, а не и во случаи на непрофесионалност, нестручност и сл. како кај другите обвинителства.

Рака на срце, од Советот на јавните обвинители не очекуваме принципиелно да го разреши судирот, зошто така не учи минатото. Принципиелен став не може да очекуваме ниту од Владата, која согласно чл. 52 од ЗКП инаку е надлежна за споровите помеѓу ЈО и правосудната полиција, бидејќи е очигледно дека истиот е политички обоен.

А на правна држава сепак ќе почекаме. Дотогаш, прво треба да добиеме главен државен обвинител што нема да го поставува Владата (партијата на власт) и судии кои правата на човекот ќе ги земат сериозно, без да прифаќаат сė што од нив го бараат обвинителството или полицијата. Но, за тоа потоа, вели професорот во реакцијата.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.