Комисијата за спречување и заштита од дискриминација на Република Македонија издаде мислење според кое надлежните имаат рок од шест месеци да ги спроведат мерките за намалување на сегрегацијата на ромските деца во основното училиште „Ѓорѓи Сугарев“ во Битола, соопшти денеска Европскиот центар за правата на Ромите (ЕЦПР).

Во одлуката на Комисијата, донесена на 19 април 2022 година, а објавена на 12 овој месец, како одговор на претставката што ја поднесе ЕЦПР против училиштето врз основа на сегрегација на ромските деца, се посочува дека „практиките на училиштето за упис на ученици претставува индиректна дискриминација против децата Роми, кои се сегрегирани врз основа на нивната етничка припадност, што е спротивно на Законот за основно образование“.

– Досега, родителите на неромските ученици беа во можност да ги запишат нивните деца во училишта надвор од средината во која живеат поради селективна примена на Законот од страна на училиштето. Тоа значеше дека училиштето де факто стана етнички сегрегирано, бидејќи на голем дел од неромските деца им беше дозволено да се префрлат во училишта во други средини – појава позната како „бегање на белите деца“, наведува Комисијата.

Комисијата, при тоа, даде препорака за директорите на училиштата во оваа област да ги запишуваат само оние деца кои административно припаѓаат на тоа училиште, а на Министерството за образование и наука му даде инструкции да утврди построги критериуми за упис на децата во училишта надвор од нивниот регион.

– Тоа има за цел да го намали бројот на деца кои се запишуваат во училишта надвор од нивната област, што пак треба да ја намали сегрегацијата. Комисијата даде препорака за училиштата да го зголемат бројот на образовни асистенти. Тоа треба да ја подобри социјализацијата и почитувањето меѓу децата, да ја зголеми соработката меѓу властите и граѓанските организации во насока на намалување на запишувањето на децата во други училишта од страна на не-ромските родители и за подобрување на познавањето на македонскиот јазик меѓу ромските деца, заклучи Комисијата.

Правниот директор на ЕЦПР, Сенада Сали, наведува дека низ годините видлива е преголема застапеност на ромските деца во основното училиште „Ѓорѓи Сугарев”, чиј број прогресивно се зголемува и тоа доведува до исклучиво ромски одделенија.

– Податоците за учебната 2021/2022 година се посебно алармантни, со вкупно 77 првачиња Роми запишани во училиштето. Тоа покажува дека ова училиште сè повеќе станува целосно сегрегирано, т.е. само за Роми, вели Сали.

Таа додава дека во моментов Центарот ја чека пресудата од Европскиот суд за човекови права за овој случај.

– Иако мислењето на Комисијата е важно е за нас и за родителите и децата кои ги застапување, нема да ја запреме правната битка сè додека властите не направат десегреграција на училиштето и им дадат шанса на ромските и неромските деца од Баир да учат заедно, во инклузивна и етнички разновидна средина, потенцира Сали.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.