Претседателот и професор Стево Пендаровски на вечерашнава „Топ тема“ на ТВ Телма изјави: „Потребно е да се изврши ревизија на сите дипломи издадени во последните десетина години“. Да се надоврзам и да му помогнам, да тргнеме со решавање на проблемот започнувајќи од мојот делокруг на работа. Од 2010 година, после отворањето факултети во сите поголеми села низ државата, моите предмети Динамика и осцилации и Јакост на конструкциите со знаење ги положиле кандидати кои можат да се избројат на прстите од едната рака, коментира професорот Дејан Трајковски од Техничкиот факултет во Битола.

Истовремено, додава тој, комисија која нема врска од предметите и која самата би паднала на овие испити доколку би ги седнал заеднички – „конзилијарно“ да го полагаат испитот), незаслужено пуштила преку сто кандидати.

Се уште ги чувам сите празни испитни тетратки од кандидатите како доказ.
Сите овие дипломираа, а голем број од нив магистрираа, можеби и докторираа. Сите работидавачи кои ги вработиле можат да бидат сигурни дека имаат примено луѓе со незаслужени дипломи. Нека дојдат да им ги покажам празните изпитни тетратки. Можат да им ги побараат и индексите и да видат чиј потпис стои покрај оценките од моите предмети. Ако не е мојот, јасно е како положиле.
Сите тие се кандидати за ревизија и поништување на дипломите. Ако Пендаровски е сериозен во намерата, нека ги донесат кандидатите да им организирам реален испит, каде ќе им потврдам дека нивното знаење е рамно на нула, па веднаш да им се одземат, т.е. поништат дипломите, заедно со магистерските и докторските. Вака имаме магистри и доктори кои не знаат математика и физика ниту на средношколско ниво, па и пониско.
Самата комисија, пак, ја повикувам на двобој во знаење. Ќе решаваме задачи и ќе изведуваме формули, со еден единствен услов: нема користење книги, белешки и било каква помош од страна. Да видиме колкави стручњаци се за механика и јакост, штом веќе се претставуваат како такви и се нафаќаат да бидат членови на комисија.
Тоа би бил мојот скромен придонес во отстранувањето на штетите што ги прават полни 12 години.
Инаку, самиот универзитет е најмногу виновен за оваа ситуација. Пред десетина години изгласаа одлука, според која секој кандидат после три неуспешни испити може да бара комисија, СО ИЗЗЕМАЊЕ на предметниот наставник од комисијата. Од што се плашат, па го изземаат наставникот? Дека ќе го види нивниот образовен криминал? Не тврдам дека примиле мито, но стојам зад тоа дека незаслужено пуштиле преку сто кандидати, што е уште поголем криминал, што лесно се докажува со проверка на знаењето.
Резултатите ги гледаме, станавме карикатура од држава и направија сé, за да му се згади работата на секој чесен професор. Отворија 24 универзитети и потоа се чудат зошто немало квалитет. Е па нема и нема ни да го има, без затворање на дваесетина универзитети и сведување на постоечките 135 факултети на триесетина. Со еден збор, враќање на состојбата од пред 1991 година. Ако не, ќе продолжиме да си се лажеме и ќе зборуваме дека образоваието не ни чини, вели Трајковски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.