Министерството за транспорт и врски го поништи решението на градоначалникот Кирил Пецаков со кое беше стопирана градбата на хотелот во Лагадин .

Второстепената комисија при Министерството за транспорт и врски која одлучува по жалби, во врска со жалбата доставена од инвеститорот на хотелот во Лагадин, одлучила мериторно, односно го поништила решението со кое градоначалникот Кирил Пецаков го огласи за ништовно одобрението за градба на хотелот во Лагадин. Тоа значи дека Министерството за транспорт и врски ја трга единствената препрека за градба на спорниот хотел во Лагадин.

Ваква одлука претставува своевиден преседан, дотолку повеќе што во пракса секогаш второстепената комисија носела решенија за повторно одлучување од страна на првостепениот орган. Во овој случај не само што такво решение нема, туку Министерството за транспорт и врски донесеното решение на 01.03.2023 година го прави правосилно. Со ваквата одлука на Министерството за транспорт и врски на инвеститорот му се отвора врата за непречено продолжување со градба на спорниот хотел. Од кои причини и од кои побуди Министерството за транспорт и врски носи ваква мериторна одлука и ја прогласува за правосилна, без претходно да го врати предметот на повторно одлучување останува нејасно. После ваквата одлука во јавноста провејуваат информации дека тоа се должи на јавното ветување кое поранешниот премер Зоран Заев на партиска трибина во Охрид директно пред јавноста му вети на инвеститорот дека самиот ќе се заложи за да му се обезбедат услови за продолжување со градење.

Заев најави дека хотелот ќе се легализира.

На истиот настан откако јавноста остана шокирана од оваа најава тогашниот премиер направи селфи со младината , а за тоа се качи на маса.

извор: Охрид 1.мк



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.