Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ, му посака добредојде на хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, кој штотуку слета на Меѓународниот аеродром Скопје.

„Во време кога сме поставени пред нови процеси и предизвици вистинските пријатели се со нас да споделат искуство и да дадат поддршка на европската интеграција на Македонија.

Срдечно добредојде за хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ со кој ќе имаме можност да дискутираме за нашите планови, за нови проекти, за иднината на регионот“, напиша вицепремиерот Маричиќ на својот Фејсбук профил.

Денеска претседателот на Владата на Република Хрватска престојува во официјална посета на Република Македонија, во чии рамки ќе оствари средби во високи државни претставници.

Домаќин на хрватскиот премиер Пленковиќ ќе биде претседателот на Владата на Република Македонија, Димитар Ковачевски, а организирана е и свечена церемонија на пречек пред платото на Владата, со највисоки државни и воени почести, по што ќе следи тет-а-тет средба на премиерите, како и пленарна средба на делегациите на двете земји.

Во фокус на разговорите ќе бидат евроинтеграциите и текот на преговорите со ЕУ, уставните измени, билатералните односи, унапредување на соработката во областите клучни за напредок во пристапниот процес кон ЕУ, а ќе бидат разгледани и можностите за нови инвестиции.

Ќе следуваат и средби со шефот на државата Стево Пендаровски, како и со собранискиот претседател Талат Џафери, а Пленковиќ ќе се обрати и пред пратениците во Собранието.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.