Министерката за одбрана Славјанка Петровска и амбасадорката на САД, Анџела Агелер го посетија армискиот полигон „Криволак“, каде се изведе вежба со хеликоптери од типот „Блек Хоук“ на копнените сили на САД, поддржани од припадници на Армијата на Македонијa.

Министерката Петровска изрази задоволство што во изминатиот период полигонот Криволак се користи од страна на армиите на сојузничките земји и партнери, со што се покажува дека секоја инвестиција која што е направена во полигонот е оправдана.

Денеска заедно со амбасадорката Агелер сме дел од активностите кои се  составен дел на обуката за блиска воздушна поддршка со воздухопловите „Блек Хоук“. Минатата година за само шест месеци одржани се 10 повеќедневни вежбовни активности на сојузничките армии и на партнерите од НАТО, а нашата Армија се разбира секој месец по неколку пати во текот на месецот ги извршува своите редовни вежбовни активности, меѓутоа и обуките на нашите припадници. Ова покажува дека секоја инвестиција која што е направена во тренинг центарот Криволак е оправдана и затоа сакам особена благодарност да изразам и до нашите партнери. Сојузништвото всушност е токму и тоа, грижа и поддршка едни со други“, истакна Петровска.

Петровска се заблагодари за поддршката од САД подвлекувајќи дека само во последната година САД ја поддржаа македонската одбрана со 137 милиони долари, наменети за проектите за модернизација и опремување на Армијата.

Американската амбасадорка Агелер подвлече дека Криволак е полигон за обука од светска класа кој нуди одлични услови за извежбување. Таа додаде дека ваквиот тип на обуки ја покажуваат и потврдуваат силата на соработката и партнерството помеѓу САД и Република Македонија.

Денеска се хеликоптерите од типот „Блек Хоук“ минатата недела беа воздухопловите F-18. Секојдневно работиме заедно и развиваме нови начини за соработка, развој на интероперабилноста и зацврстување на безбедноста. Ние ќе продолжиме да помагаме во развојот на овој полигон со цел заеднички со сојузниците да реализираме уште повеќе вежби и обуки“, изјави Агелер.

Обуката за блиска воздушна поддршка со воздухоплов од Копнените сили на САД се реализира во периодот од 5 до 11 март и вклучува два американски хеликоптери „Блек Хоук“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.