Не верувам дека изјавата од вицепремиерот Никола Димитров нешто ќе предизвика, напротив јасните, транспарентни и отворени ставови треба да станат пракса во македонската демократија, а не некакви позадински игри, изјави заменик претседателот на Владата, Љупчо Николовски за време на денешната посета на Општина Битола.

Министерот Димитров даде силен придонес, особено во донесувањето на Преспанскиот договор заради кој денес нашата држава е членка на НАТО. Ние сме дел од тој елитен безбедносен клуб и остваривме еден од стратешките приоритети – ветување на многу генерации политичари кои немаа храброст тоа да го направат. Димитров заедно со премиерот Заев даде голем придонес во тој правец и верувам дека и понатаму ќе придонесува во сите остварувања на стратешките интереси на државата особено во европската перспектива. Ние сега сме соочени со проблемот со Бугарија, но не станува збор за некаква попустливост, напротив сè што правиме е во функција на заштита на македонскиот идентитет, на културата, јазикот, традициите и се што ни е оставено вековно да го чуваме. Така станавме членка на НАТО и така ќе чекориме кон европската перспектива. Но, ја разбирам и разочараноста на министерот Димитров, но и на сите нас како генерација, затоа што сакаме да почнеме да преговараме со Европската унија. Тоа е начинот за трансформација на општеството, тоа е начинот за да ги убедиме младите да останат во земјава, изјави Николовски на прашањето дали се можни евентуални проблеми пред претстојниот избор на новата македонска влада.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.