Идејата зошто се поднесе Декларација за заштита на ликот и делото на Гоце Делчев е затоа што се одбележуваат 150 години од неговото раѓање и во услови кога видовме дека власта не презема никакви активности и се соочивме со една ситуација каде што бугарската држава организираше бројни манифестации и издадоа почесна монета, научни дебати, концерти, а во Македонија немаше ништо, а премиерот не се ни појави на гробот на Гоце Делчев, изјави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски во утринска емисија на Канал 5 Телевизија, потенцирајќи дека СДСМ со одбивањето на Декларацијата покажа дека нема чесни намери во спорот со Бугарија.

Николоски нагласи дека СДСМ со ова покажаа дека се против зачувување на ликот и делото на Гоце Делчев и дека загрижувачки е фактот што и другите клучни историски личности од илинденскиот период се дел од преговорите со Бугарија и тоа значи подривање на темелите на македонската држава.

Модерната македонска држава има јасен континуитет, и битката за модерната македонска држава почнува од 19 век преку буните, па процесот на преродба силен образовен процес, продолжува преку големите македонски востанија како Разловечкото и Кресненското. Оваа борба добива круна со Илинденското востание, но не застанува тука, има една континуирана битка и на територијата на Македонија се случува континуирано Востание кое добива свој врв со Втората светска војна, НОБ и АСНОМ како круна што е државотворна форма на еден дел од територијата на Македонија и своја дефинитивна државотворна форма со осамостојувањето и референдумот 1991 година. И ова никој не смее да го подрива, а сега се удира по клучните личности што значи се удира во темелите на македонската држава, појасни Николоски.

Николоски истакна дека во ваква ситуација загрижувачки е што  МНР како надлежна институција за одбрана на интересите на македонската држава нема никаква реакција кон бројни провокации кои доаѓаат од Бугарија.

Премиерот на Бугарија, Петков, нема проблем да се јави за скршено стакло во Битола, а нашиот премиер и нашето МНР имаат проблем да испратат протесна нота за подривање на целокупниот национален идентитет, рече Николоски.

Николоски во однос на прашањето дали е можно решение на спорот во овој момент истакна дека нема добра волја од бугарска страна и дека голем проблем е што македонската влада не покажува добри резултати на другите полиња за да може да се изврши притисок врз Бугарија.

Најмоќните земји во ЕУ не се убедени дека Македонија треба да почне преговори, пред се заради лошиот перформанс во делот на спроведување на реформи и борба со организиран криминал и корупција. Сметаат дека непостоењето на функционален систем на владеење на правото и корупцијата со која никој не се бори ја подриваат државата и затоа не вршат притисок врз Бугарија.  Да беа убедени проблемот може да биде решен за едно пладне, потенцираше Николоски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.