Не е лесно да се донесе одлука за целосна онлајн-настава, рече министерот за образование Јетон Шаќири по заканите за поставени бомби во училиштата во Македонија.

Вчера 120 училишта во Скопје добија закана дека наводно е поставена експлозивна направа. Досега тоа е најголем број на училишта што добиле заканувачки пораки за поставени бомби, некои од нив првпат добиле дојава и не биле подготвени да ја спроведат препораката од МОН за онлајн-настава, рече министерот Шаќири во врска со поплаки од ученици дека не можеле да се вклучат на платформата.

На прашањето дали се размислува сите средни училишта да преминат на онлајн-настава, тој одговори дека „не е лесна одлука“ дали тоа да биде за средните во Скопје или во цела држава.

Не брзаме да донесеме таква одлука, зашто таква одлука би требало да се донесе и за основните. Затоа што вчера и денеска има повеќе дојави за основни отколку за средни училишта. На почетокот не беа таргет основците, беа само средношколците, сега дојави има и во основните училишта што отвора нов проблем, рече Шаќири одговарајќи на новинарски прашања по состанок на Управниот комитет на Меѓународниот институт за одржливи технологии на Југоисточна Европа (SEEIIST).

Ученици и родители вчера пријавуваа проблеми, не можеа да се приклучат на платфорамта „тимс“ каде што се изведуваше наставата за време на ковид-пандемијата. Во врска со онлјан наставата, Шаќири кажа дека вчера бил првиот ден по првите препораки што ги добија училиштата само во Скопје.

Повеќе од 90 отсто од проблемите се само во Скопје. По тие препораки вчера беше првиот ден кога ги видовме проблемите во изведување на онлајн-наставата и проблемите што произлегоа за родителите. Некои од училиштата не очекуваа и во претходниот период немаа дојави за бомби. Училиштата што ги добија препораките во петок и кои пристапија со лозинките во системот тие вчера немаа проблем. Некои од училиштата што вчера првпат добија дојава за бомба, за половина до еден час ги надминаа проблемите, изјави Шаќири и додаде дека МОН е против онлајн-настава но одлуката ја донеле по препораките за безбедност.

Рече дека очекува во најбрз можен рок Владата да ги дискутира сите проблеми што произлегоа – во целодневната настава, проблемите што ги имаат родителите што се вработени за да може, како што рече, да се најде нов предлог за решение по препорака на надлежни институции, со оглед на тоа што се зголемува бројот на училишта што добиваат дојави, а таргет сега се и основците покрај средношколците. Рече и дека ќе се анализира ситуацијата, ќе се земат искуствата од други земји и ќе се разгледува електронската комуникација.

Во однос на тоа дали ќе има последици за државната матура, Шаќири рече дека Државниот испитен центар ги презема сите чекори за таа да се организира успешно.

Матурите ќе се организираат, формирана е работна група за сите работи за да не се остава на случајности, додаде министерот за образование и наука.

На прашање дека само државните, а не и приватните училишта добиваат дојави за бомби, Шаќири одговори дека и тој се прашува зошто „вакви лоши намери“ има само за државни установи.

Не велам и тие да добиваат, но да немаат ниту државните, рече министерот. 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.