Премиерот Димитар Комачевски, во вчерашната емисија „360 степени” на ТВ Алсат, рече дека при преговорите за зголемување на минималната плата ги замолил претставниците на синдикатите и здруженијата „да не се прави политика од зголемувањето на платата на најранливите во државата”. Ова тој го кажа во контекст на најавата на Синдикатот за образование и наука (СОНК) за генерален штрајк.
Сите работници, особено вработените во образовниот сектор, заслужуваат поголеми плати зашто образовниот сектор е тој што го креира човечкиот капитал којшто во државата, а кој гледаме дека ни се намалува и нам ни требаат поквалификувани работници кои ќе креираат подобри и подобро платени работни места за да биде подобра државата. Јас имав разговор со претседателот на СОНК на денот кога се носеше одлуката заедно со министрите од економските ресори, во понеделник повторно ќе има состанок, и на крајот и со штрајк и без штрајк, договор се постигнува помеѓу партнерите во социјалниот дијалог во овој случај Владата и синдикатите, рече Ковачевски.
Премиерот рече оти лично смета дека треба да има зголемување на платите во образованието, но и дека треба да бидеме свесни дека ова е најкризната година по Втората светска војна.
Мора да се грижите државата да може да ги финансира сите свои обврски, гледате дека и во најголема криза пензиите повторно се исплаќаат предвреме, државата донесе одлука за намалување за 50 насто на трошоците за репрезентација, намалување за 10 насто на тековните трошоци, ограничување на бројот на луѓе што патуваат итн., рече тој.
На прашањето дали ќе прифати нешто од барањата на СОНК, тој рече дека со Синдикатот разговараат за методологија која ќе овозможи без политички влијанија во иднина да расте платата на вработените во образованието.
Се прават калкулации во Министерството за образование и во Министерството за финансии да видиме кои се тие можности што буџетот може да ги издржи во оваа кризна година. Доколку ги зголемите платите колку што е вкупното барање на синдикатите, тоа може предизвика дополнителен инфлаторен притисок, а дополнителен инфлаторен притисок од овој што го имаме ќе значи дека и платата што ќе ја добијат работниците после многу кратко време нема да вреди, додаде тој.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.