Напишав десет објави на социјалната мрежа „Фејсбук“ за поддршка на коалицијата „Можеме“ во предизборната кампања, напишав два агитациони текста на профилот на Партијата на пензионерите.

Ова се само две од точките кои проф. д-р Темелко Ристески ги напишал во својот Извештај за извршената работа доставен до Државниот секретар во Министерството за одбрана, каде бил ангажирал со договор на дело.

Скандалозниот Извештај за неговата „изцрпна“ работа во Министерството во текот на јули 2020 година, беше објавен вчера, по што следеа остри критики од јавноста, но засега министерката Славјанка Петровска и институцијата со која раководи останаа глуви и слепи на прозивките и не најдоа за сходно да го искоментираат овој скандал.

Полковникот Драган Ковачки, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, вели дека овде се отвораат многу прашања, за кои очекува одговор од МО.

Додека ја чекаме Министерот за одбрана Славјанка Петровска да се произнесе за криминалот од 90 милиони со резервните делови за оклопните транспортери (платени по цена за транспортери, а примени делови со многу послаби карактеристики т.е. за камион), ќе објавам уште еден Извештај како доказ за злоупотреба на државни пари кои овој пат се исплатени на угледен професор по право (бил и Декан на ФОН) за неговиот ангажман за потребите на Министерство за одбрана, односно на СДСМ, вели Ковачки, повикувајќи ја јавноста да го погледне документот што „угледниот професор и договорец на дело, не се срамел да го напише и потпише и сè ќе ви биде јасно“.

Ковачки понатаму објаснува дека Министерството за одбрана, за потребите на партијата СДСМ, по Договор за дело си ангажирало извесен професор доктор на правни науки кој имал ЗАДОЛЖЕНИЕ да пишува текстови на социјалните мрежи со поддршка за нивната коалиција „Можеме”, да ја следи изборната кампања и да заедно со генералот во пензија Илија Николовски вршат агитација во АРМ за потребите на нивната коалиција. За неговите активности, ангажираниот договорец на дело, си составил извештај и го доставил до Државниот секретар на МО. Секако, продолжува Ковачки, за тоа што ги фалел СДСМ на мрежите, а го омаловажувал ВМРО-ДПМНЕ, си земал народни пари.

Устите на неспособните од СДСМ им се полни со департизација на АРМ, вели Ковачки, потенцирајќи дека го прават токму спротивното. Знаат дека не ги бива, вели тој, а толку се бескрупулозни што од угледен професор и доктор на науки направиле класичен бот за социјални мрежи (!!!).

Ковачки додава дека се отвораат многу прашања, но еве само 5:

1. Колку такви „професионални“ договорци на дело – ботови има во МО?
2. Колку такви има во другите институции?
3. Колку пари од буџетот се испумпани на овој начин?
4. Има ли друга држава-членка на НАТО во која се случуваат вакви злоупотреби на службената позиција од страна на раководните лица?
5. Нормално ли е во држава-членка на НАТО, после ваков скандал Министерот да остане на позиција?

Ковачки бесно додава дека додека генералите на АРМ за службените возила си плаќаат од џеб за промена на масло, а старешините собираат пари за хартија за печатење, раководството на Министерството тоа не го интересира, туку има друг приоритет – тотално да ја партизира институцијата и во услови на криза да си ги наградува своите.

Ова е дрскост и ова е забеганост!
За ова мора да има одговорност, потенцира Ковачки.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.