Легитимно е да има предвремени избори бидејќи проблемот во државата се Владата и сите коалицски партнери, вели потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ

Целта на активната блокада на Собранието од ВМРО-ДПМНЕ е да се видат сите погрешни политики, да ни се дозволи нам како парламентарци да говориме, да ги потенцираме сите забелешки што ги имаме кон СДСМ, а и јавноста да го види лицето на спикерот Талат Џафери, рече во гостувањето во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник, Владо Мисајловски.

„Ние, пред да ја започнеме оваа активна блокада, најавивме и пакет мерки, односно побаравме и од СДСМ и од сите партии да направиме посебни работни тела каде што ќе разговараме за многу закони и оние што се добри заеднички да ги изгласаме, да ги поставиме на посебни седници, да разговараме за здравството, за образованието, за економијата, за сè што е потребно… Но, нема разбирање“, вели Мисајловски.

Според него, легитимно е што едно од барањата на ВМРО-ДПМНЕ е да има предвремени парламентарни избори бидејќи, како што рече, од кога оваа влада е на власт државата постојано се соочува со кризи.

„Имаме криза со пандемии, енергетска криза, имаме огромна криза со воениот конфликт, но имаме и опасна економска криза. И затоа подаваме рака, да седнеме да разговараме, бидејќи ако немаат капацитет, а гледаме дека немаат, да се справат со сите овие проблеми, да седнеме некои работи да ги донесеме заедно. Легитимно е да има предвремени избори бидејќи проблемот во државата се Владата и сите коалициски партнери. Зборуваме за закони што се добри и може да ги поддржиме заеднички. Наместо да разговараме за некој закон што е во собраниска комисија, кој е многу значаен за ДУИ за да има некоја посебна лотарија за да имаат бенефит, дајте да разговараме за системски закони што се значајни за сите. Зошто да нè одбијат? Не ја гледам причината. Од друга страна ќе бидам целосно искрен, требаше да се види и вистинското лице на Талат Џафери пред целата јавност. Бидејќи ова што го прави Џафери не е отсега, ова се случува месеци и години“,вели Мисајловски.

На коментарите на потпретседателот на СДСМ, Перо Костадинов, дека ВМРО-ДПМНЕ не сака дијалог, а тоа се покажало по однесувањето на локално ниво, Мисајловски реплицираше:

„Основна работа е да има комуникација помеѓу партиите. Ако вие сакате да разговарате за некои закони, нема на врат да ви бидат другите коалициски партнери и ДУИ. Вие сега сте заложник на нивните политики бидејќи ДУИ денеска ако не сака да имате кворум нема да имате кворум. Тоа се случува. Три-четири месеци не доаѓаат на работа дел од пратениците, наеднаш доаѓаат да се изгласаат законите и тоа не личи на Собрание. Ние тоа што го бараме од вас е да седнеме да разговараме за сите теми. Вие бегате. Ако мислите дека без дијалог ќе направите нешто подобро, грешите. Од друга страна, велите дека ние сме биле власт на општинско ниво, па ние со месеци бараме состаноци во централната власт и вие сте дел од ЗЕЛС и добро е да седнете со Владата да разговарате за сите проблеми. И вие имате проблем со електричната енергија и сите други, зошто за ова прашање не разговараат лидерите, сите партии и да се најде решение“, порача Мисајловски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.