Генералниот секретар на СДСМ, Миле Зечевиќ, потпретседателот на партијата Стефан Богоев и членот на Централниот одбор, Оливер Спасовски, попладнево беа на средби со граѓаните на општина Маврово Ростуше, заедно со градоначалникот Медат Куртовски, пратеничката Белкиса Зекири и претседателот на општинската организација Самир Ајдини.

Од партијата посочија дека се разговарало за проектите кои што се во тек и кои значат реализацијата на ветувањата на СДСМ дадени пред граѓаните за време на предвремените локални избори.

„Започна реконструкција на повеќе улици во Велебрдо, се прави потпорен ѕид во Жировница, потпишани се договори и наскоро започнува релизација на проектот за водовод во Аџиевци со поддршка на Владата, како и паркинг во селото Требиште.Победата на Медат и СДСМ со огромна разлика покажа дека граѓаните сакаат напредокот и развојот на општината да продолжи“ – се наведува во партиската објава.

Но она што недостасува во партиското соопштение е објаснување зошто СДСМ држи партиски состаноци во присуство на полициски службеници. Во прашање е страв за безбедноста на претставниците на СДСМ или пак забраната на министерот Оливер Спасовски за членство во политички партии е селективна – важи само за партии кои не се блиски до министерот.

Имено министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во интервју за Макфакс пред само еден месец се пофали дека е забрането вработен во МВР да членува во политичка партија.

„Уште од самиот старт реков дека имам три главни приоритети во работењето на МВР. Тоа е департизацијата на институцијата, второ е професионализацијата и трето е декриминализацијата на институцијата. И тогаш можеби, во 2017 година, се запрашуваа зошто сите овие постулати ги наведуваме, а имаше сериозни причини во овој дел. Кога зборуваме за департизацијата, во Законот за внатрешни работи и Законот за полиција се направени крупни измени во тој процес. Таму е ставена забрана за членување во политичка партија на било кој вработен во Министерството за внатрешни работи“, рече Спасовски.

Ќе бидат ли санкционирани полициските службеници кои присуствувале на партискиот состанок на СДСМ во општина Маврово Ростуше?! Ќе биде ли поведена дисциплинска постапка против нив? Ќе има ли отказни решенија? Јавноста очекува одговор од министерот Спасовски за селективниот пристап кога е во прашање партизирана полиција. Ако не ги знае кои полицајци биле дел од состанокот, еве да му помогнеме, седат спроти него.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.