Министерот за здравство Илир Демири денеска најави дека ќе го разреши медицинскиот директор на Клиниката за токсикологија д-р Данил Петровски, а за економската директорка Бесија Иљази, вели дека нема констатирано ниту едно прекршување.

Медицинскиот директор и одредени лекари денеска и на Фејсбук имаат објавено навреди, не сакам да бидам нивни портпарол. Тврдам дека не може доктор да мисли така и да се служи со таков речник. Јас ќе преземам сериозни мерки. Медицинскиот директор денеска ќе го разрешам иако сме влезени во изборите, рече Демири одговарајќи на новинарски прашања на денешната прес-конференција која беше свикана по повод Европската недела на имунизација.

Вработените на Токликологија вчера испратија писмо до медиумите во кое велат дека со назначување на в.д. организациската директорка Бесија Иљази на Клиниката за токсикологија, на само еден ден пред формирањето на техничката влада се случува деорганизација, а не организација во оваа здравствена установа, Демири рече дека лекарите се служат со навреди.

Стручниот колегиум комуницира со медиумите, лекарите што се служат со навреди комуницираат со навреди и денеска повикале на прес-конференција. Јас сум министер за здравство, сите неусогласувања треба да дојдат тука, а не да се искористат за дневни политички цели“, рече тој.

Според Демири, директорката Иљази е легално назначена и ги исполнувала критериумите за да биде на чело на таа Клиника, но не знаеше да каже точно какво високо образование поседува таа.

Во писмото испратено до медиумите се вели дека од назначување на Иљази за помалку од два месеца долгот на клиниката го зголеми за приближно два милиона денари, со дневно работно време од 4 часа и 30 минути, поточно на работа доаѓа во 10 часот, а работното време ѝ завршува во 14:30. Исто така, клиниката нема спроведено постапка за осигурување на имот, осигурување на скапата медицинска опрема и осигурување од лекарска грешка, бидејќи в. д. директорката не сака да потпише затоа што не е прифатен нејзиниот брокер за осигурување и моментално Клиниката два месеца не е осигурана иако за тоа сме со закон обврзани. Поради одбивање да потпише согласност за договор на дело за двајца дипломирани биолози, токсиколошката лабораторија веќе два месеца не врши валидација на издадените резултати.

Испратив Трудов инспекторат и Државен санитарен и здравствен инспекторат да ги проверат вчерашните наводи од писмото на вработените од Токсикологија“, рече Демири.

На прашањето зошто директорката Иљази денеска на прес-конференција давала изјави само на албански јазик, Демири рече дека ако има потреба со преведувач ќе даде и друга изјава.

Економската директорка на Клиниката за токсикологија Бесија Иљази не дозволува да се вработат двајца дипломирани биолози и еден болничар, а упорно инсистира да се вработат 18 лица на кои им се истечени договорите за дело на 31.12.2023.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.