Драги пријатели, браќа и сестри,

Честит Илинден!

Честит нека ни е најголемиот македонски празник – Свети Илија, Илинден!

Нека е вечен споменот на комитите, на партизаните, на тие снажни мажишта и жени кои се бореа за нашата слобода, истакна лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во својот говор по повод одбележувањето на најголемиот празник на Македонија, Илинден.

Епска е нашата столетна борба за слобода во која се нижеа падови, но и победи, една ретка крвава драма, почна со страдања, горчина, треперења и мирис на барут кој подеднакво ја пратеше и нашата копнеж за слобода и верувањето во идеалите.

Првиот Илинден е светол, иако Крушевската Република беше крваво задушена, а неуспехот да се ослободиме беше страдањето кое Македонците го прифатија и се носеа со него затоа што не престанаа да веруваат. А, знаеја дека таа борба за своја држава вреди, а успехот дојде четириесетина години по првиот Илинден, оделотворен во Асномска Македонија, Македонија на Ченто, на Петре Пирузе, на Михајло Апостолски, една цела плејада на херои кои ја креваа главата гордо високо, кога многумина им велеа дека треба да клечат. Но ваквата историска читанка ни вели дека Македонија и Македонците секогаш без оглед и на периодите на очигледна слабост на капацитетот на елитите да водат во дадените моменти, раѓала поединци чии дела ечеле во немиот простор на суровата реалност на беспаќата, обезнадеженоста на духот на нацијата и безволноста да се продолжи борбата. Тие поединци ја правеле разликата од останатите и биле примерот во кој народот верувал и по кој тргнувал во борба да го отсонува својот сопствен сон. Овие татковци на нацијата ја пишуваа нашата историја и го водеа нашиот народ. И тие не клечеа, не се колебаа, не тргуваа со светите работи за нашата кауза. Нивните имиња денес ги изговараме со особено чувство на почит и со трепет во нашите срца, затоа што тие веруваа во идејата која многумина се откажуваа. Ако некој се сомнева во нивната припадност, за тоа кои биле и што биле, нивните коски се расфрлани насекаде низ оваа земја и тие извираат и живеат во нашите сеќавања, во раскажувањата на генерациите кои доаѓаат потоа, а нивната слава е неизбришлива. Делата на овие луѓе ја создаваа Македонија и затоа нејзиното постоење нема цена, и ако прашањето е на што сме подготвени да направиме за да Македонија опстои треба да знаат дека ќе ја платиме секоја цена за да го зачуваме непроценливото, а тоа е нашата Македонија – рече Мицкоски.

Она што денес ни се случува со нашата Македонија е едно историско дежа ву на сите аспирации на дел од соседите кои безмалку во различни облици не прателе како проклетство низ вековите. Не е проблем што тие удираат, но болката е што одвнатре Македонија е распродавана.

И тука немаме ние некаков идеолошки судир, туку постои математичка пресметливост на владејачката елита која преку трговијата со најскапото ја задржува власта. Власта за мене е одговорност да се води, власта за оваа моментална елита е да ја крадат нашата Македонија. И затоа во овие пет години оваа власт е најразорната атомска катастрофа која Македонија во не само економски, туку политички контекст ја уназади децениски, правејќи штета по нашите стратешки позиции за кои ќе бидат потребни нови децении заедничка битка да се повратат. И кога тргуваа со заедничкото за нивна лична корист, го убиваа духот на Македонецот, го убиваа тој ентузијазам за новата држава кој полека прерасна во разочарувања, го убиваа сонот на тие момчиња и девојки кои ги вееја македонските сонца тој 8-ми Септември, ја убиваа секоја надеж дека можеме поинаку, секој план, секоја прогресивна размисла за потрага по колективната среќа која без исклучок завршуваше со желбата да бидеме признаени Македонци од Македонија како дел од Европското семејство на рамноправни народи. И сега кој е повеќе за Европската Унија? Ние кои треперевме за идејата да имаме своја независна и суверена држава Македонија која ќе биде дел од семејството на Европската Унија, со зачувано достоинство, име и идентитет, или овие кои сега ја водат земјата, а кои нема европска вредност која не ја погазија, поплукаа, или идентитетска вредност која не ја начнаа или истргуваа само со една цел за да продолжат со богатење на грбот на народот и неговата колективна несреќа – нагласи Мицкоски.

Тој говореше и за стратегијата на власта преку која сака да постигне две значајни цели за нив.

Првата, да ја обвини Европската Унија и меѓународната заедница дека тие се виновни за ова што и се случува денес на Македонија, а не неспособноста, поданичкиот и предавнички карактер на власта и втората цел е да го нападне ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата дека недоволно се бори за македонскиот национален идентитет. Сигурно си го поставувате прашањето како тие би ја реализирале првата цел, кога вакви политичари, безрбетници кои коленичат каде стигнат, Македонија нема ниту чуено ниту видено во својата независност? Ќе ве потсетам драги пријатели, браќа и сестри на нападите во медиумите од страна на владините гласноговорници кон поранешниот француски амбасадор, г-динот Тимоние кога Франција бараше измена на претпристапната методологија, или пак месеците потоа кога цела Европска Унија и врвните политичари од ЕУ беа виновни затоа што добивавме вето. Тоа е инженерингот што криминалната власта изминативе години го правеше. Преку платените гласноговорници обвинуваа и ја убедуваа јавноста дека ЕУ ни е виновна за неправдата создавајќи преку таквата кампања во народот гнев и недоверба кон ЕУ, а позади завесата го подготвуваа завршниот чин на предавството кое го завршија оваа година и се разбира во целиот тој период не престанаа да крадат и да го пљачкосуваат народот. Втората е да го нападнат ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата дека недоволно се бори за македонскиот национален идентитет преку сопствените инсталации во опозицијата и помеѓу македонскиот народ, а кои се ништо повеќе од полу свет за кој ќе зборувам малку подоцна. Не смееме браќа и сестри да конзумираме од измамите на власта и нивните лакеи во опозицијата. Не е виновна ЕУ за ова што денес и се случува на Македонија и македонскиот народ, виновникот има име и презиме, Пендаровски, Ковачевски, Османи, Заев итн…, а политичката партија која што е извор на сите овие порази и предавства има име и се вика Социјалдемократски Сојуз на Македонија или СДСМ. Драги пријатели, недалеку од овде има три фабрики кои потекнуваат од ЕУ и илјадници наши сограѓани своите семејства ги хранат, директно или индиректно работејќи во или со тие фабрики. Илјадници граѓани на ЕУ годишниот одмор го поминуваат недалеку од овде на охридско/струшкото крајбрежје, да бидеме супер домаќини, чесни и честити како што може Македонецот да биде, вредни и скромни, секогаш пријателски расположени, па следната година да ги убедиме повеќе туристи од ЕУ да не посетат. Ве молам да не дозволиме на инсталациите на власта, тие лакеи во форма на полусвет да не поделат и фрагментираат. Тие се платени со вашите пари, вашите крадени пари или пак се уценети и чекаат милост од власта. Ќе си го поставите прашањето, кој е излезот? Излезот е избори и мнозинство на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата во парламентот како гаранција дека Македонија ќе го врати загубеното. Тоа е единствениот пат – рече Мицкоски.

А колку реално им значи народот се гледа по тоа колку прифаќаат да го чујат неговото мислење. Референдумот за отфрлање на асимилацијата која тие ја прифатија, е добра можност оваа елита да покаже колку го вреднува ставот на народот дури и тогаш кога поинаку мисли од него. Бегството од референдум на владата е бегство од народот и доказ за тоа колку големо предавство прават на својата земја и на својот народ. Референдумот е огледалото на нивната немоќ, на нивниот морален хазард, и за тоа како бегајќи од референдум сакаат преку трупа, жедни преку езеро, на мала врата да го пренесат народот без да имаат обѕири за тоа каква катастрофа прифаќаат. Јавно повикувам да поддржиме референдум, сите заедно да повикаме и на народот да му дадеме шанса да донесе одлука. И сакам тука да потенцирам уште еднашка по кој знае кој пат, народот да биде спокоен, без оглед на тоа што ќе смисли оваа власт како опструкција или отпор за референдумот, гаранцијата, блокадата и чувањето на уставот од страна на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата се факт и тоа останува. Нема промена на уставот под овие околности, по ниту една цена.

Тој порача дека не смее да постои разочарување ниту пак губење на надежта.

Поединците за кои на почетокот зборев, не ја губеле вербата и во најтешките времиња воделе храбро. Таквите тивки херои постојат и денес и тие се, тие се нашата надеж. И таквите луѓе се секој еден од вас кој со искрено срце ја сака Македонија и посакува државата да престане да губи. Вие-врз чии плеќи се крепи државата и кои не барате ништо повеќе од само малку достоинство и изгледи за иднина. И знам дека ги живееме најтешките времиња од независноста до денес, но работите никогаш не биле појасни. Во периодот што следи власта ќе продолжи да крева прашина, димни облаци за тоа дека тие биле проЕУ, а сите кои не се како нив одработувале за трети држави. Сум чул во политиката многу манипулации, ама ова е некако најпровидната лага до сега. Од крадци како овие на власт европејци не бива. Втората работа која ќе се обидат да ја прават е да не прикажат за радикали и да внесат етнички поделби. Не верувајте ниту во ова. Нашата љубов кон Македонија не значи омраза кон некој друг туку подадена рака кон секого заеднички да се бориме против власта која носи проблеми кои се исти за сите, впрочем патриотизмот не значи национализам. За овие намери на власта задолжени се оние инсталации кои треба да се преставуваат како се друго, само не она што навистина се, а тоа е продолжена рака на власта на ДУИ и СДС. Тие инсталации се најподлите, или што би рекол Прличев в лице светци, в срце в’лци. Таквиот полу свет дебело финансиран или уценет од власта има за цел да внесува раздор во македонското ткиво, да стимулира жолт печат и невистини, да создава експлозија од ниски страсти и да одвлекува внимание. Со други зборови тој полу свет на СДС и ДУИ постои за да се занимавате со ВМРО-ДПМНЕ за да не се види дебаклот на власта. Тој полу свет се отпадоците на власта, најдобрите чираци на срамното сценарио на релативизрање и рушење на секаков отпор. Една шака платеници, друга шака уценети одработувачи кои ќе сакаат да внесат сомнеж во секој еден кој се бори против предавствата и болната реалност. Бидете претпазливи, тие не се моќни за победа, но имаат сила да внесуваат сомнеж во секоја прогресивна сила која се бори за Македонија. Најдобриот одговор на сето ова е обединувањето. Затоа колку тие ќе се обидуваат да фрагментираат, да не поделат ние треба да се обединиме. И тоа обединување да е на една принципиелна основа каде подаваме рака кон секому на кој Македонија му е на прво место и секоја друга наша разлика е помала од оваа наша појдовна основа и мотив. Да бидеме сите како едно. Затоа одговорот на поделеноста и фрагментирањето е обединувањето, национално, политички. Обединети партии, здруженија, синдикати, поединци и организации, сите против оваа корумпирана ненародна и предавничка власт предводена од СДСМ и ДУИ. Сите против оние кои ја одземаат колективната среќа и иднина. Обединување заосновано на нашиот сон за Македонија – порача Мицкоски.

Да ја вратиме енергијата, да ја вратиме Македонија. Да го вратиме изгубеното и да создаваме иднина. И да можно е сето ова. Како што и илинденците не се откажаа.

И не заборавајте, имаше прв, имаше втор Илинден, третиот Илинден беше 8 Септември 91та, да се избориме за уште еден нов Илинден каде ќе имаме победа на Македонија над сите неправди, инсталации, и сили кои не влечат надоле. Илинден не учи дека нема откажување и дека борбата е константа, а љубовта кон татковината најголема сила. Затоа и Македонија ќе победи и ќе одиме напред. Пламенот е разгорен, промените ќе се случат.

Честит Илинден Македонијо!

Македонија е вечна!

Да сте живи и здрави!, рече претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.