Бесправно и надвор од секоја законска процедура на самиот кеј на реката Дрим, Косовскиот конзулат во Струга, кој се јавува како инвеститор, свечено го откри поставеното 3,5 метри високо спомен обележје, за кое никој не знае колку пари чини.

Градоначалникот Рамиз Мерко, кој од неодамна е на црната листа на САД, не одговара на повиците, а од општината не откриваат како е поставено ова спомен обележје кога во важечките урбанистички планови на конкретната локација воопшто не е предвидена изградба на било какво спомен обележје. Спорната одлука е донесена со амин од советниците на СДСМ, преку кои ДУИ успеа да обезбеди мнозинство и за гласањето по Бадентер.

И покрај тоа што Инспекцискиот совет утврди незаконитости поради кои предметот го достави на понатамошно постапување до Министерството за култура и Управата за заштита на културното наследство, споменикот финансиран од конзулатот на Косово  беше свечено откриен.

Советниците на СДСМ во Сoветот на општина Струга гласале. Замислете ги бојадисуваа како шарена револуција спомениците за македонските дејци, но затоа во Советот на општина Струга гласаат. Сакаме да сме еднакви, ако сакаме да сме еднакви, тогаш овој споменикот, што е во Струга ќе треба утре заедно со Бујар Османи да појдеме и да го демонтираме, бидејќи тој споменик во Струга не го исполнува законот,  вели лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Со нелегално поставување на спомен обележја од други држави во срцето на Струга се подрива уставниот поредок на Република Македонија -предупредуваат од советничката група на ВМРО ДПМНЕ, која пред Уставниот суд ја обжали одлуката за подигање на ова највисоко спомен обележје во Струга, наводно во знак на благодарност затоа што во 1999 година за време на воениот кофликт граѓаните на Косово нашле прибежиште во нашата земја.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.