Во сабота во 12 часот во центарот на Скопје ќе се отворат просториите на Македонците по потекло од Егејскиот дел на Македонија- Беломорски клуб и читална. 

По тој повод разговараме со Сотир Лукровски, претседател на Македонското патриотско Здружение Вмбел Егеј и координатор на здруженијата на Македонците по потекло од Егејот.

Лукровски вели дека сѐ е подготвено за отворањето на клубот кој треба да прерасне во едно сврталиште на повозрасните, но и да привлече помлади членови.

Во клубот ќе има над 300 книги и читална и секој ќе може да дојде да прочита тоа што го интересира, да пронајде податоци и документи за роднини и пријатели каде избегале и која година.

Лукровски ја открива и крајната цел на отворањето на вакви здруженија.

Крајната цел е да го одржиме отворено прашањето на Македонците по потекло од Егејскиот дел на Македонија. Поселдниве години не одат во полза на Македонија и Македонецот.Сега правиме нешто и зад границата но ни се случува полека изумираме и во сопствената држава.Ние она што можеме да го направиме е на децата да им ја пренесеме вистината. Како јас што сум ја слушал  од моите баба и дедо кои ми оставиле аманет дека сум Македонец треба и ние да им го пренесеме на децата.За жал децата не знаат речиси ништо, но треба да се прашаме колку ние зборуваме за тоа и колку сме им пренеле-вели Лукровски за „Република“.

Лукровски нагласува дека и денеска се случува Македонци по потекло од Егејот да имаат проблеми при влез во Грција.

И тоа не само од постарата генерација туку и помлади имаат забрана за влез од необјаснети причини.Проблемот е што овие луѓе немаат поддршка од нашето министерство и тоа не се актуелизира.

Лукровски за „Република“ говори и за селото Вмбел од каде што потекнува.

Моето село не постои.Во 1949 година тоа е разрушено и бомбардирано и така бегаат последните жители на селото.Сега се вика Москохори кое е на неколку километри од селото Смрдеш или по грчки Кристалопиги каде има луѓе кои зборуваат македонски јазик. Но, нашето село не постои бидејќи е направено чистење.

Лукровски ја објаснува положбата на Македонците во Грција и колку тие го знаат македонскиот јазик.

Постои природна асимилација но факт е дека последните години се охрабруваат сѐ повеќе да се здружуваат и да говорат македонски јазик.Но, сепак тоа треба да биде државна политика-посочува Лукровски за „Република“.

За Македонците по потекло од Егејскиот дел на Македонија важен датум е и 12 мај.

На 12 мај организираме Беломорски видувања.Настан кој можеби е најмасовен во Македонија.Покрај од политичкиот живот ќе имаме гости од Пирин, од Егеј и настанот ќе биде програмски богата.Го очекуваме и гимназискиот хор од Охрид.Ќе биде една убава средба-најавува Лукровски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.