Во настојувањето да се олесни движењето на граѓаните на Република Cеверна Македонија надвор од границите на државата и проблемите со кои се соочуваат при нивните патувања, но и престој во странство, пратениците на Либерално-демократската партија предлагаат дополнување на Законот за патните исправи.

-Предложените дополнувања се насочени кон унапредување на патните исправи и дефинирање на јасни правила за државјаните на земјава, при што ќе се овозможи непречено движење на граѓаните надвор од границите и повторно враќање во истата со поседување на валидна патна исправа, односно патна исправа која содржи печат на Република Cеверна Македонија со која државата го потврдува идентитетот на лицето и важи до истекот на рокот на важноста на патната исправа, појаснуваат од ЛДП.

Според партијата оваа иницијативата е мотивирана од потребата за доследно почитување на уставно загарантираните права на слобода на движење. Промените се предложени по итна постапка поради нивната значајност за основните човекови права и не пдонесуваат дополнителни финансиски импликации на буџетот ниту на граѓаните ниту пак на државата.

-За нас секој е важен и сметаме дека патната исправа која важи како потврда со која државата гарантира за идентитетот на нејзиниот сопственик може да биде валидна и со печатот Република Cеверна Македонија до истекот на рокот на важноста на истата, а потоа да биде соодветно заменета на нов образец. Со ова сметаме дека не се нарушува Преспанскиот договор кој доведе до исполнување на државна цел – членството во Нато, додаваат од ЛДП.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.