Државната изборна комисија (ДИК) на денешната седница ги усвои Кодексот за набљудување на изборите за претседател на државата и на изборите за пратеници во Собранието во 2024 година, како и Упатството за набљудување на изборите и изборната постапка.

Кодексот и Упатството, како што беше речено, ќе бидат објавени на веб страницата на ДИК.

На седницата беа изгласани и Планот за комуникација и координација меѓу изборните органи, Упатството за родово чувствителни документи, како и Заклучокот за останување во сила на повеќе правилници и упатства меѓу кои и оние за важечки и неважечки ливчиња, за распределба на рекламни паноа, за пријавување и гласање на немоќни лица, за гласање на лица кои се во куќен притвор, за гласање на лица во конзуларните канцеларии, за решавање приговори во надлежност на ДИК и во надлежност на општинските изборни комсиии, за пријавување и гласање во посебни установи на вонсемејна грижа,…

Членот на ДИК Бобан Стојаноски потсети дека целта на Упатството за набљудување на изборите е да дава насоки за начинот на акредитирање на набљудувачите и за спроведување на набљудувањето на изборите и изборната постапка.

Барање за стекнување својство на набљудувач може да поднесат домашни здруженија и странски организации кои се регистрирани согласно закон најмалку една година пред денот на одржување на изборите, а во чиј статут е вклучено начелото на заштита на човековите права. Барање за стекнување својство на набљудувач може да поднесат и меѓународни организации и претставници на странски земји. Барањата со потребните прилози се доставуват до ДИК од денот на распишување на изборите, а најдоцна 10 дена пред денот на гласањето. Врз основа на ваквите барања, ДИК издава овластување за набљудување најдоцна седум дена по приемот на барањата, а овластувањата заедно со беџови се издаваат поединечно за сите набљудувачи, истакна Стојаноски.

Кодексот за набљудување на изборите го објасни Борис Кондарко.

Кодексот се однесува на тоа кој може да ги набљудува изборите, кој поднесува барања. Тоа се домашни здруженија и странски организации регистрирани согласно закон најмалку една година пред денот на одржување на изборите и во чиј статут е вклучено начелото за заштита на човековите права, други меѓународни организации и претставници на странски земји. Кодексот содржи насоки и правила за набљудување. Наведено е што смеат, а што не смеат да прават овластените набљудувачи на изборите и како да се однеусваат при набљудувањето. Тие треба да ги познаваат и почитуваат одредните на Изборниот законик и на Кодексот, упатствата на ДИК, да бидат непристрасни во извршувањето на своите должности. Не смеат да изразуваат пристрасност кон изборните органи или кандидатите, ниту да влијат како било на изборниот процеси или гласачите, да изразуваат поддршка на партија, коалиција или кандидат, а не смеат ни да носат ознаки на партија, коалиција или кандидат. Овластените набљудувачи мора да носат беџ издаден од ДИК и лични исправи, а заклучоците од набљудувањето треба да ги базираат на документирани факти, нагласи Кондарко.

Тој информира и дека ДИК дала налог општинските изборни комсии од оваа недела да се активираат и да ги извршуваат своите надлежности според Роковникот, Изборниот законик и генералните упатства. Воедно апелира до членовите на сите изборни органи да учествуваат на задолжителните обуки за професионализација на изборната администрација.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.