Пратеникот Драган Ковачки, дел од ИК на ВМРО-ДПМНЕ, со отворено писмо до претседателот Стево Пендаровски, по неговата изјава дека не знаел за скандалот со изнуда на сексуални услуги во АРМ и му дал совет да информациите ги пријави во надлежни институции:
Претседателе Пендаровски, зошто бегате од одговорност?
Барате од мене да доставам информации до надлежни институции, а Вие како Врховен командант на АРМ, СТЕ надлежна институција.
Според тоа, барате од мене да Ви доставам информации за изнудите на сексуални услуги.
Во ред, се согласувам, кажете кога имате термин, од овој момент па во следните денови, во било кое време на денот и ноќта, кога Вие ќе одлучите, јас Ви стојам на располагање да дојдам кај институцијата Претседател.
Но, сепак најпрвин би Ве упатил институционално, односно за истото да се информирате од Министерката за одбрана која од Собраниска говорница ПОТВРДИ дека знаела за изнудите на сексуални услуги од високите офицери, но дека не преземала ништо против нив со што јас ценам дека создала услови дејанијата да бидат повторувани во недоглед.
Не сте преземале ниту Вие, со што и Вие создавате услови овие дејанија да продолжат да се повторуваат.
Знаете дека офицерите во ранг генерал и полковник се во Ваша директна надлежност и за истото по службена должност требало да Ве информира Министерката за одбрана.
Не навлегувајќи во овој момент во други подробности, не сакам да се сомневам дека таква информација истата ја сокрила од Вас.
Лично сметам дека таа Ве информирала, но дека заеднички сте се договориле да го забошотите случајот и да не преземете најстроги дисциплински мерки.
Доколку пак министерката не Ве информирала, тогаш тоа е сигнал дека има нефункционалност на комуникацијата помеѓу Врховен командант и Министер за одбрана, а особено поврзана со случки кои може да влијаат и на борбената готовност на АРМ.
И во двата случаи – и да сте знаеле (а сметам дека сте знаеле) и да не сте знаеле (како што сакате да изгледа) е подеднакво поразително за Вас.
*Мора да се расчисти кој учествувал во забошотување на случајот и зошто?
Мора да има одговорност за сите инволвирани.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.