Премиерот Димитар Ковачевски денеска не сакаше да ја коментира изјавата на лидерот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети, кој ги повика сите партии на Албанците да се обединат за заеднички фронт на Европа. Одговарајќи на новинарско прашање премиерот рече дека не стравува оти бројот на министри Албанци во Владата би се зголемил со евентуален влез и на други партии на Албанците во владејачката коалиција.

Ќе мора да го прашате за коментар господинот Ахмети. Јас не можам да коментирам негови изјави меѓутоа пораката е, како што јас ја гледам, господинот Ахмети, како и јас, како и претседателите на партиите, кои што се во нашата владина коалиција, сме за зачленување на Македонија во ЕУ, рече премиерот на прес-конференција во Владата.

На прашањето дали стравува дека дополнително би се зголемил бројот на министри Албанци во Владата, Ковачевски рече дека не стравува од тоа, бидејќи за него сите луѓе се исти и оти етничката припадност не е професија.

Јас никогаш не сум стравувал по кој било основ во врска со кој било човек. За мене сите луѓе се исти и пред закон и пред критериуми за оценување на нивната професионалност. Јас сум кажал во неколку наврати дека за мене етничка припадност не е професија. Ние имаме исклучително квалитетни луѓе кои што се Македонци, Албанци, Власи, Турци, Срби, Роми, Бошњаци…, сите коишто живеат во нашата држава и сите тие го дале својот придонес за унапредувањето на нашата држава, рече Ковачевски.

Премиерот посочи дека земјата ги доби највисоките комплименти за организирање на разговорите помеѓу Косово и Србија со посредство на ЕУ во саботата и во неделата во Охрид.

Од ниво на држава пред 31 држава, до ниво денес да бидеме земја членка на НАТО, да бидеме земја која преговара со ЕУ, земја која што претседава со ОБСЕ во најтешката година за европскиот континент, земја во која што се депонирани договорите од Берлинскиот процес потпишани помеѓу сите земји членки на ЕУ и она што е исклучително важно и на што треба сите да сме исклучително горди – држава која во минатото по различни држави беше дел од преговори по преговарачки маси во саботата и неделата ние бевме државата на која што и се даде довербата да ги организираме преговорите помеѓу Србија и Косово, нешто што го направивме на најврвно ниво. Сакам да се заблагодарам на сите институции и каде што и од ЕУ и од САД и од претставниците на Косово и на Србија добивме и комплименти и благодарност за сето тоа што го направивме и што организиравме за мирен Балкан и за Балкан кој што се движи кон ЕУ, рече Ковачевски.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.