Премиерот Димитар Ковачевски не разговарал со Грција за можноста да се пролонгира рокот за новите патните исправи, откако граѓаните се изложени на минусни температури со часови да чекаат за да можат да извадат нов пасош, а уште толку и за да го подигнат. Ковачевски одговарајќи на новинарски прашања се огради за можноста лично да комуницира со Грција, велејќи дека таа обврска ја презел претседателот на државата, Стево Пендаровски.
Со грчките власти немам разговарано. Тоа претседателот на државата го презеде како обврска да се чуе со претседателката на Грција. Имаме разговори коишто се водат со ресорните министри. Ја видов иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ до Уставен суд. Не ја отфрлам, но одлуката е на Уставниот суд, рече Ковачевски.
Премиерот вели дека како држава со Преспанскиот договор сме се обврзале дека до 12 февруари документите за надворешна употреба ќе бидат со новото уставно име на државата.
Законски измени може да се направат, но се работи за документи за надворешна употреба. Значи личната карта и со Република Македонија се користи за внатрешна употреба, како и возачката дозвола. Натчовечки направија вработените во МВР. Променија 1, 2 милиони пасоши, гледате дека работат луѓето и за празници и во недела и ќе разговараме, тоа е процес кој мора да се заврши, рече Ковачевски.
Грција е една од омилените дестинации за патување на граѓаните од средина на мај до средина на септември, па неопходен е договор со Грција, додаде премиерот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.