Пополнувањето на капацитетите на македонската Армија се одвива согласно поставените годишни планови и на барање на Генераштабот на Армијата. Огласите за вработувања кои се во тек, ако не бидат финализирани пред распишувањето на изборите, согласно Изборниот законик, ќе се стопираат и ќе продолжат по завршување на изборниот процес, изјави денеска министерката за одбрана Славјанка Петровска.

Таа појасни дека годишните планови за пополнување на капацитетите на македонската Армија се одвиваат, генерално на неколку начини, а професионалните војници како најголем број на застапени во Армијата секогаш имаат најбројни работни позиции.

Покрај огласот што заврши со кој беа промовирани професионалните војници на крајот на декември лани, пред два дена е распишан нов оглас за вработување на 300 професионални војници, како и за 30 офицери кои ќе треба да го надополнат своето цивилно образование во Воената академија, а има и еден интерен оглас за подофицери.

Тие огласи, истакна министерката, се распишани врз основа на барањето што беше поставено на почетокот на јануари годинава од ГШ на Армијата, а согласно сите планови за пополнување на капацитетите, но и имајќи го предвид и бројот на одливи на персонал од Армијата по основ на пензионирање, откази и други основи. -Така што, во тек е еден оглас, а се разбира дека согласно правилата и Изборниот законик, особено ќе внимаваме за некакви дејствија во поглед на овие огласи ако не се завршат финално, до распишување на изборите, како што налага Законот ќе бидат стопирани и ќе продолжат таму каде што застанале по завршување на изборниот процес, рече Петровска на новинарско прашање пред учеството на трибина на Сојузот на борците по повод 80 години од ослободувањето на градовите – државата.

Министерството за одбрана пред два објави нов Јавен оглас за прием на 300 професионални војници во служба на Армијата на Република Македонија.

Во декември, 2023 година, во касарната „Илинден“ беа промовирани 150 нови професионални војници во редовите на Армијата на Република Македонија. Лани на двата јавни огласи се примени вкупно 300 професионални војници.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.