Собранието денеска  на барање на технничкиот премиер Талат Џафери, треба да ги разреши министрите за здравство Фатмир Меџити и за информатичко општество и администрација Азир Алиу. За нови министри се предложени Илир Демири, за министер за здравство и Наим Бајрами, за министер за информатичко општество и администрација.

Џафери вчера достави барање за разрешување на Меџити и Алиу и според Деловникот може да го образложи барањето. Согласно член 221 од Деловникот на Собранието, по предлогот за разрешување на член на Владата се отвора претрес, а членот на Владата за кого е поднесен предлог за разрешување може да се изјаснува по предлогот во траење од 15 минути. За да биде разрешен министер потребни се 61 глас, а исто толку гласови се потребни и за негов избор.

Но, по вчерашните случувања во Куманово неизвесно дали владејачкото мнозинство ќе има 61 пратеник. Двајца од осумте пратеници на Алијанса беа на состанокот кај Таравари па логично е дека нема да гласаат за разрешување на министрите. Покрај нив, и Мендух Тачи од ДПА најави дека нема да гласа за новите министри. Ако се знае дека владејачкото мнозинство брои 64 пратеници а минимум троца најавија дека нема да поддржат смена на министрите прашање дали ова ќе помине.

Барањето за разрешување на Меџити и на Алиу доаѓа откако тие го поддржаа претседателот на Алијансата за Албанците Арбен Таравари, кој најави дека на избори ќе оди со албанската опозиција, додека крилото на АА предводено од Зијадин Села најави дека на изборите за пратеници на 8 мај, АА треба да настапува самостојно.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.