Корупцијата е општествено зло кое го разјадува правниот систем, правниот поредок и е една од главните причини за намалување на квалитетот на живот  кај сите, вклучително и кај младите. Корупцијата создава недоверба во институциите и државните органи. Ако некој имал дилема дали сега или порано се живеело подобро, одговорот е јасен дека Македонија назадува цело време и во време на владеење на СДС три пати се најдовме над 100 место по перцепција на корупција, изјави пратеникот и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки на денешната панел дискусија на тема „Корупција и владеење на правото“ на Саем на проекти за млади „Иднина за сите во Македонија“ во организација на Унијата на млади сили.

Ковачки нагласи дека луѓето почнаа да заминуваат од оваа држава затоа што немаат повеќе доверба во системот, односно немаат доверба во здравствен систем, образовен систем, немаат доверба безбедносниот систем и МВР, во правосудните органи.

– Погледнете во образование поради коруптивни причини децата останаа цела година без учебници, не може да се договорат колкава провизија кој ќе земе. Во здравство имаме ситуација како живи луѓе изгореа, а никој не одговараше. Во МВР има ситуации како на филм се случуваат убиства на 100 метри од владата, а никој не носи одговорност, нема да се најдат сторителите.  Послаби сме од Руанда, Сенегал, Буркина Фасо, а сакаме да сме дел од ЕУ, рече тој.

Ковачки нагласи дека доколку не се избориме со ова зло, ние нема да мрднеме.

– Сите сакаат да зборуваат за борба против корупција, зборуваат сите, но видете каде е парадоксот, се останува на празно зборување, нема акција, а таму каде што има акција е само од нашите странски пријатели.  Од САД донесоа тим за санкции, холандскиот амбасадор најави дека ќе ги повлече финансиските средства за правосудството, ЕУ ни носи оценска мисија за Судски совет. Нашите државни органи само зборуваат, но ништо не преземаат. Ако антикорупциска излезе со некакви наоди до обвинителството имате реакција од ЈО дека ја прекинува соработката. Има ли поголемо дно од тоа.  Министерот за внатрешни се служи со невистини, се сеќавате за личните податоци од матични книги, изјави Ковачки.

Тој посочи и како има лице на црна листа градоначалник на Струга од ДУИ и видете ДУИ прво молчеа, па релативизираа и на крај го амнестираа нема одговорност.

– Нема никакви мерки, нема активности, нема борба против корупцијата. Викаа ајде да го видиме имотот на функционерите и еве гледаме со запаленото возило на Груби, кое било на некој негов комшија или фирма. Како е возможно, го вози и му имаат ставено светлосна и звучна сигнализација?   Или ситуација како младо момче станува сопственик на Соравија, син на претседател на Собрание полага правосуден, а нема факултет завршено или син на поранешен премиер станува газда на фирма за трговија со струја или министерката Тренчевска го вработува зетот во Регулаторна. На овој начин нема да мрднеме и ги демотивираме младите. Ова го прават ДУИ и СДС и мора  да ја ослободиме Македонија од овој јарем, изјави Ковачки.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.