Пет пожарникари од Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) – Штип ќе заминат за Турција, соопшти денеска градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов.

Јорданов кој е во комуникација со Дирекцијата за заштита и спасување, рече дека пожарникарите ќе заминат со вториот конвој.

-Целта е да дадеме поддршка во име на хуманоста и солидарноста на најпогодените подарчја и населени места во Турција, да помогнеме на настраданите и при извлекувањето луѓе кои се под урнатините во подрачјата каде што се случи катастрофалниот земјотрес. Оваа прилика ја користам да изразам сочуство до настраданите, со желба побрзо враќање на животот во оваа подрачје на Турција, истакна Јорданов на прес-конференција.

Штипскиот градоначалник истакна дека ќе иницира и на седница на Совет на Општина Штип да се издвојата средства од буџетот, со цел да се донира на граѓаните и општините во Турција. Одлуката во текот на утрешниот ден ќе ја донесат советниците и она што е важно како солидарен град ќе допринесеме со финасиска помош и со испраќање на наши пожарникари, кои се обучени за вакви ситуации, вели Јорданов.

Забележа дека во текот на денот со граѓански активисти и здруженија ќе иницираат и отварање на пунктови за да граѓаните и компаниите донираат за настраданите подрачја во Турција.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.