Втор ден по прес конференцијата на обвинителот Гаврил Бубевски и министерот Оливер Спасовски, речиси со сигурност може да се тврди дека јавноста не ја прифати нивната верзија на настаните и не поверува во тоа што го кажуваа. Барем не во целост, вели новинарот Дарко Јаневски во последната колумна за „Денешен“, додавајќи дека клучна „дупка“ во приказната која ја воочија многумина, практично секој корисник на социјалните мрежи, е дека девојчето било убиено околу 10 часот, два ипол часа по киднапирањето, зашто убиецот го фатила паника поради објавите на социјалните мрежи.

Значи човек кој ладнокрвно испланирал и извршил киднапирање на 14 годишно дете, на место каде лесно можел да биде воочен (тука е и приказната со ставање на жртвата во вреќа и во багажник), по само два часа го фаќа паника која целосно му го поматува умот! Верувате? Не баш!

Посебно што тоа утро, до 10 часот, потстува Јаневски, ниту имаше никаква хистерија на социјалните мрежи, ниу јавноста беше претерано возбудена.

Уште повеќе што здрав разум тешко би прифатил објаснување според кое убиецот, по извршеното киднапирање, немал друга работа, туку следел што се објавува на социјалните мрежи. Обидете се да си го претставите најмрачниот ум на светот, па сепак тешко ќе најдете објаснување – има киднапирано дете за кое сака да изнуди пари, а тој седи и гледа што се објавува на фејсбук и твитер, по што го напушта ладнокрвноста, го фаќа паника и извршува убиство.

Значи, вели Јаневски, го имаме наводниот мотив – користољубие – но тој мотив повеќе упатува на логиката дека ако убиецот навистина го фатило паника, попрво би го пуштил девојчето (претходно го ставил во вреќа и не дозволил да биде виден, зар не?) и би се обидел да се извлече од „кашата“ во која се нашол, отколку да го убие детето.

Значи досега има две крупни слабости во објаснувањето на Спасовски и Бубевски – причината поради која е извршено убиството – наводната паника и мотивот поради кој било извршено грабнувањето. Ниту едното, ниту другото, така како што беа презентирани од министерско-обвинителскиот двоец, држат вода.

На ова, според Јаневски, се надоврзува и убиството на Панче Жежовски.

Крајно несмасно е да се тврди дека тој бил убиен заради долг од 500 евра, бидејќи со тоа убиецот, како и со убиството на Вања, ја уништува и можноста да ги добие парите. А, целта е таа – парите, а не две мртви тела, зар не? Оттука, ако мотивот е навистина во таа сума на пари, тогаш убиецот можел да му се закани, да нарача тепање, да му го оштети или дури запали автомобилот, но да го убие за 500 евра? Да ризикува доживотен затвор за 500 евра, сеедно што со закопувањето се надевал дека нема да биде откриен!? Тешко за верување!

Да не зборуваме дека неговото возило било користено за киднапирањето на Вања, што е уште една нелогичност. Користите возило на исчезнат човек и ризикувате да бидете откриени сосема случајно од сообраќајна патрола? Нејасно, зар не?

Целата колумна тука 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.