Претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата Билјана Ивановска бара веднаш да престане продажбата на државно земјиште. Според неа, најголем проблем во оваа насока е како се прават деталните урбанистички планови, бидејќи тие, како што нагласува, го отсликуваат јавниот интерес кој што општината треба да го спроведе во својот дел.

Која е целта на државата, да го испродаде цело државно земјиште, дали е тоа целта, и тоа по багателна цена? Ако државата треба да го обезбеди јавниот интерес на граѓаните, не може тоа да го направи преку приватно земјиште. Тоа е едното прашање, второ, извор на корупција е Законот за дивоградби, односно за давање на правен статус на бесправно изградените. Од самото име се гледа каков вид на закон е тоа, значи тој закон треба да се укине веднаш, рече Ивановска во гостувањето на „Топ Тема“ на ТВ Телма.

Таа смета дека доколку државата сакала да им помогне на сиромашните граѓани тоа можела да го направи на други начини, а оти носењето на овој закон во најголем дел го чекаат некои, како што вели, крупни бизнисмени кои сакаат да си ги легализираат своите дивоградби.

Решението дека со 30 отсто, 70 отсто да се докупи за да се дооформи парцела е исто така извор на корупција. Земјиштето кај „Холидеј Ин“ така беше продадено. И тоа не е само тоа парче, се увиде дека има многу, многу земјиште така продадено, вели претседателката на ДКСК, Ивановска.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.