ЕУ потврди ако спорот меѓу Скопје и Софија не се реши до крајот на француското претседавање ќе има длабока криза со регионот. Софија за кревање на ветото повтори дека очекува „конкретни чекори заедно да се изодат без какви било календари или очекувања“. Скопје, пак, порача дека сите услови за старт на преговорите со ЕУ се исполнети и сега на потег е Бугарија.

Високиот претставник за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Жозеп Борел вчера изјави дека поставува временска рамка за решавање на спорот меѓу Македонија и Бугарија, до крајот на француското претседателство, на 30 јуни, јави дописничката на МИА од Брисел.

-Длабоко навлеговме во прашањето за односите со Бугарија, кое го блокира процесот,  за време на дебатата помеѓу земјите членки на ЕУ, и ова е нешто што мора да биде надминато, има политичка волја во Советот за да се избегне криза што би се случила ако не се реши до крајот на француското претседателство ставам временски рок. Ако не се случи ќе имаме сериозна криза во односите со земјите од Западниот Балкан, и ќе продолжиме да вршиме притисок врз двете страни да се изнајде решение, изјави Борел на прес – конференцијата по Министерскиот совет за надворешни работи, на кој се одржа и посебна седница со министрите за надворешни работи од Западен Балкан за прв пат.

Тој потсети и дека Македонија, заедно со Албанија и Црна Гора, се целосно усогласени со надворешната политика на ЕУ и со санкциите на ЕУ против Русија, како и дека Македонија и Албанија се наоѓаат на списокот на непријателски земји на Москва. Сево ова, посочи, ќе има цена.

-Треба да започнеме преговори со Македонија и Албанија, и се надевам, повеќе од надеж и желба, дека тоа ќе се случи за време на француското претседателство, сметаме дека ова одлагање е неодржливо, рече Борел, додавајќи и дека двете земји ги исполнуваат сите услови што се бараат од нив, и ако немаат перспектива за ЕУ тоа ќе ја чини Европа многу во смисла на кредибилитет, а ќе претставува и подарок за Русија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.