Поддршката за уставни промени останува да биде ниска, 65 проценти од популацијата е против уставни промени, а кај етничките Македонци противењето на уставни измени е 80 проценти, што е исклучително висок податок, вели Марко Трошаноски, директор на Институтот за демократија „Социетас цивилис” кој ги презентираше податоците од Анализата на јавното мислење за македонскиот процес на пристапување кон ЕУ направена од Институтот заедно со Фондацијата „Конрад Аденауер”. Нивото на доверба на македонските граѓани во ЕУ е на рекордно ниско ниво.

Седум години ги следиме процесите и може да заклучиме дека поддршката на луѓето за влез во ЕУ е на рекордно најниско ниво, односно последниве три години го држи дното со горе-долу некои статистички незначителни разлики. Тоа е едната работа и тоа е она што го констатираат и другите истражувања – изјави Трошановски.

Според него, она што е позитивно е дека оваа година има подобрување на перцепцијата и тоа значително подобрување на перцепцијата кон Унијата како влијателен идентитет и како најдобар сојузник на земјата.

Навидум овие две се противречни работи, меѓутоа од ова може да заклучиме дека е клучен момент каде што ЕУ пред се кон земјата треба да направи многу попрактични чекори за да го зголеми нивото на спремност на популацијата да гласа за иден потенцијален влез во ЕУ, односно за да ја зголеми поддршката. Значи, сега гледаме на ЕУ како подобри пријатели. Тоа е секако и во контекст на украинската криза, на некој начин збивање, приклонување кон оние коишто се слични и коишто ќе те заштитат, меѓутоа тоа позитивно ниво на перцепција кон Унијата треба да се искористи за да се врати вербата на граѓаните дека некогаш оваа земја има перспектива да стане член. Тоа е она што е најинтересното, најновиот податок од ова истражување – подвлече Трошановски.

Анамарија Велиновска од Центарот за европски интеграции при Институтот за деморкатија, рече дека истражувањето покажа дека оваа година 64 проценти од граѓаните се за членство во ЕУ, доколку следната недела би се одржал референдум, што е за четири проценти помалку од 2021 година, кога 68 отсто од граѓаните се согласиле за членство во ЕУ.

Вториот прашалник се однесува на актуелните политички случувања и како тие го одвлекуваат јавното мислење на граѓаните. Во овој прашалник оваа година ја споменавме и војната во Укриана, како глобален политички настан и мнозинството граѓани сметаат дека Русија реагирала на провокациите на НАТО, и нема за цел да ја освои Украина, исто така мнозинството граѓани сметаат дека преговори, а не победа за Русија или Украина се решение за војната во Украина – рече таа.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.