За два дена Советот на јавни обвинители уште еднаш ќе се обиде да избере пет обвинители во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал по конкурсот распишан уште лани на 15 ноември. Минатиот четврток немаше кворум за избор. МКД.мк дознава дека се работи за класично условување од страна на ДУИ за избор на обвинителот од Гостивар Арсим Адеми, против кого Државната комисија за спречување на корупцијата има неколку постапки.

За петте испразнети места во ОЈО ГОК се пријавија 10 обвинители, од кои петмина се обвинителите на кои им истече мандатот: Ивана Трајчева, Марија Ѓоргева, Валентина Беслимовска, Сузана Мирческа–Кузмановска и Енѓулуше Кадриу–Леши. а останатите петмина кои конкурираа се Златко Биковски, Елизабета Јосифовска, Наташа Сарамандова, Имран Османи и Арсим Адеми.

Како што дознава порталот, Советот на јавни обвинители има најголем проблем со кандидатурата на Арсим Адеми, за која ДУИ дала налог дека мора да пројде. Не случајно тој е ставен прв на листата за избор, па ако помине ќе може да се продолжи приемот и на другите. А дел од членовите на Советот на јавни обвинители, како што дознаваме, веќе се изјасниле дека ќе гласаат против изборот на Адеми. Претседателот на Советот Антонио Јолевски во изјава за медиуми отфрла какви било политички притисоци.

А токму за овој обвинител од Гостивар, деновиве медиумите јавуваат за неколку негови спорни одлуки – за сообраќајката што ја предизвика Зоран Милески Кичеец со смртни последици, а пресудата на предлог на обвинителот беше само 6 месеци затвор и сообраќајката во која загина еден полицаец, за која пресудата беше една година затвор, а обвинителот не поднесе жалба.

Повеќе на МКД.мк



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.