Владино-државни делегации, претставници од државни институции и организации, претставници од меѓународната заедница во земјава, денеска оддаваат почит кон загинатиот претседател на државата, Борис Трајковски, во рамки на државнички церемонии за одбележување на 19-годишнината од авионската несреќа, во којашто животите ги загубија поранешниот претседател, Борис Трајковски, членови на неговиот кабинет и екипажот на авионот.

Владата на Македонија е определена кон прогресивни политики што ги водат граѓаните и државата напред, каква што беше и визијата на загинатиот претседател Борис Трајковски. Определбите за заедничко општество, во кое што граѓаните живеат и работат заедно, независно од нивните етнички, религиски или други определби, во мир и во меѓународно почитувана држава, интегрирана во демократските семејства на држави и народи, НАТО и Европската Унија, се пример за храбро и мудро лидерство засновано на вредности, се вели во владиното соопштение.

Денеска, на неколку локации се положува цвеќе и се изразува почит кон загинатиот претседател на државата: на неговото вечно почивалиште во Алејата на великаните во Бутел – Скопје, пред споменикот во неговиот роден град, Струмица, на спомен обележјето на местото на авионската несреќа во Ротимље, близу Мостар, Босна и Херцеговина.

На вечното почивалиште на загинатиот претседател Трајковски, положи цвеќе и оддаде почит претседателот Стево Пендаровски, владина делегација во состав Славица Грковска, висепремиерка за политики на добро владеење, Ристо Пенов, министер за локална самоуправа и Беким Реџепи, заменик на министерот за транспорт и врски.

Прва цвеќе положи сопругата на Трајковски, Вилма Трајковска, а потоа и други делегации: делегација од Собранието предводена од потпретседателот Горан Мисовски и составена од пратеници од владеачкото мнозинство и од опозицијата во Собранието; делегација на Армијата, делегација од Сојузот на борци од НОАВМ, повеќемина претставници од дипломатскиот кор во земјава; претставници на парламентарни политички партии во државава.

Владина делегација оддаде почит кон загинатиот претседател Борис Трајковски и во Струмица, каде цвеќе положи министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска.

Државничка церемонија ќе има и во Ротимље, организирана од институции од Босна и Хецеговина и Македонија, каде ќе положат министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, како и други претставници.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.