На денешниот состанок на општинскиот кризен штаб, беа разгледани двете состојби со кои во моментот се соочува Општина Битола, а беа донесени и конкретни мерки за понатамошно постапување во интерес на граѓаните.
Првата точка на работниот состанок се однесуваше на состојбата во општината после серијата земјотреси кои во текот на ноќта беа почувствувани во општината, додека втората точка се однесуваше на состојбата со КОВИД 19.
Градоначалникот Коњановски и Претседателката на Советот Илиевска, после состанокот информираа за донесените заклучоци и мерките кои ќе бидат преземени:
Уште во текот на вчерашниот ден, после 22.44, после земјотресот кој ја зафати Битола, кој не потсети на оние времиња од 1994 година, излегов на терен заедно со дел од кризниот штаб, како и дел од советниците од Советот на Општина Битола, да ги увидиме првичните состојби во градот. Затекнавме паника што е нормално во вакви ситуации, граѓаните беа излезени, посебно од колективните згради, висококатниците, но и сите други граѓани. Се обративме, првично во Службата за итна медицинска помош, како и единицата за противпожарна заштита. За среќа немаше повици за повредени и за материјални штети во првичните моменти. Не информираа за состојбата. Денес, итно беше свикана седница на кризниот штаб на која се разгледуваа две точки: состојбата во однос на синоќешниот земјотрес и втората точка во однос на КОВИД состојбата. Сакам да Ве информирам дека беа донесени неколку заклучоци: На денешната седница на Советот на Општина Битола, ќе предложиме точка на дневен ред: формирање на комисија за проценка на штетите во однос на синоќешниот земјотрес, составена од стручни служби од Општина Битола, потпомогнати од ИЗИС за што стапивме во контакт со директорот Владимир Шешов, кои ќе бидат наши помагачи и дел од комисијата доколку има поголеми штети на терен. Заклучено е итно формирање на комисијата која ќе излезе на терен. Испраќам и апел до граѓаните, сите штети кои ги имаат да ги пријават до општината, на контактите кои дополнително ќе бидат објавени.
Од здравствените институции бевме информирани дека немаше пријава на повредени во однос на синоќешниот земјотрес.
Во контакт бев и со директорките на двете градинки. Во една од градинките, Мајски цвет, односно нејзиниот клон кај Симпо, директорката ја ставила вон употреба, останува стручен тим да ја утврди штетата, во интерес на децата, што побрзо да може објектот да се стави во функција.
Во однос пак, на здравствената состојба, од страна на директорите на здравствените институции, бевме информирани за актуелната состојба, за ескалацијата на бројот на заболени. Имено, бројот од над 100 новозаболени неделно, после новогодишните празници, после сите дружења, како и во околината наша и на европско ниво, се зголеми над 600 неделно. Во однос на хоспитализираните бројот е стабилен, но има многу прегледи во КОВИД амбулантата. Би сакал да апелирам до граѓаните да ги почитуваат КОВИД мерките, да намалиме со дружењата во претстојните празнични денови. Тие што не се вакцинирани да побрзаат да се вакцинираат, зошто тоа е единствената превентивна мерка која не штити. Тоа го потврди и директорката на Клиничката болница, вакцинацијата штити од потешки форми на КОВИД 19 и хоспитализација“, изјави градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски.
Претседателката на Советот, Габриела Илиевска, информираше за денешните дополнителни точки на дневниот ред:
На денешната седница на Советот ќе имаме неколку дополнителни точки: тоа е формирање на комисија за штети, настанати после земјотресот и уште една дополнителна точка, а тоа е донесување на заклучок, кој ќе го доставиме до Владата на Република Македонија и ќе бараме одржување на итна седница, на која ќе се разгледа состојбата во Битола и на која ќе побараме и самата Влада да излезе во пресрет на она што и се случи на Битола. Колкави се штетите не знаеме сеуште. Но, во Битола имаме големи институции: болници, градинки, суд, објекти кои се под заштита и сметам дека и таму ќе треба да се предвидат големи финансиски средства, бидејќи нивната реконструкција ќе чини повеќе, бидејќи дел од нив се стари градби. Затоа сметаме дека треба да побараме ваква седница, каде државата ќе излезе во пресрет за нашиот град, бидејќи сметаме дека Битола, мора во најкус можен рок да ги санира штетите кои и се случија минатата ноќ“, изјави Габриела Илиевска, Претседател на Советот на Општина Битола, после денешниот состанок на општинскиот кризен штаб.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.