Вчерашната зачудувачка изјава на претседателот Стево Пендаровски дека преку НАТО механизмите уште пред три-четири месеци знаеле дека Русија ќе ја нападне Украина, поставува неколку важни прашања кои се однесуваат на Македонија.

Поточно, шефот на државата откри дека на 5 ноемрви знаел дека Русија подготвува инвазија на Украина.

Во тој период во Македонија се случуваа значајни политички промени. Само една недела претходно, поточно на 31 октомври, Заев ја најави оставката по вториот круг локални избори разочаран од убедливиот пораз на СДСМ.

Но, Заев не би бил Заев ако си остане на зборот. По само неколку дена, според зборовите на Пендаровски, државниот врв, а со тоа нормално и Заев, дознава дека ќе има напад на Украина и ништо не се презема.

Напротив, Заев ја забавуваше јавноста со „си одам – не си одам“, па дури и СДСМ на седница му даде поддршка да остане на премиерската позиција додека не се види дали Бугарија ќе го крене ветото, што, се разбира, не се случи.

Заев конечно ја депонира оставката на 22 декември по што премиер стана Димитар Ковачевски.

Што можеа, а не направија Пендаровски, Заев, Ковачевски од ноември до сега

Можеа, но не се подготвија за војната и за справување со последиците. Како што вчера откри претседателот на Србија Александар Вучиќ, Македонија побарала пченка и пченица. Којзнае како стоиме и со другите основни намирници како шеќер, сол и зејтин.

Покрај тоа, Пендаровски можел да свика и лидерска средба, но тој тоа не го стори.

Покрај тоа, во тој период опозицијата се обидуваше да направи ново параламентарно мнозинство, а власта наместо да се грижи за војната која веќе била извесна, се занимавала со „приведување“ на пратеникот Кастриот Реџепи, кој самиот призна дека ноќта пред гласањето ја минал во премиерската вила на Заев.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.