Лидерот на Достоинство и директор на ЦУК, Стојанче Ангелов упати апел до пратеничката група на СДСМ за поддршка на предлог законот за обештетување на необештетените воени инвалиди и семејства на загинатите бранители.

АПЕЛ ДО ПРАТЕНИЧКАТА ГРУПА НА СДСМ ЗА ПОДДРШКА НА ПРЕДЛОГ ЗАКОНОТ НА ДОСТОИНСТВО ЗА ОБЕСШТЕТУВАЊЕ НА НЕОБЕСШТЕТЕНИТЕ ВОЕНИ ИНВАЛИДИ И СЕМЕЈСТВА НА ЗАГИНАТИ БРАНИТЕЛИ

Додека гласаат поранешниот командант од УЧК да стане премиер, нека соберат храброст и следните неколку дена нека гласаат и за оние кои загинаа или беа ранети од истата онаа УЧК од чии редови потекнува премиерот за кој гласаат денес…

Денес македонското Собрание ќе гласа за избор на техничка Влада која ќе биде предводена од досегашниот собраниски претседател и следен премиер, поранешниот командант од УЧК, Талат Џафери.

На крајот на ноември минатата година, Достоинство поднесе иницијатива со Предлог закон за измена и дополнување на постоечкиот Закон за бранители, со кој треба да се обезбеди обесштетување на 10-тина воени инвалиди и 15-тина семејства на загинатите бранители кои се’ уште се необесштетени.

Со своите потписи пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ даде недвосмислена подршка на оваа иницијатива со што таа стана и официјален Предлог закон.

Со образложение дека е испратен на превод на албански јазик, Талат Џафери избегна да го стави на дневен ред на собраниска седница овој Предлог закон иако истиот се состои од само еден суштински член.

Затоа, во име на сеуште необесштетените десеттина воени инвалиди и петнаесеттина семејства на загинати бранители апелирам до новиот собраниски претседател веднаш да го стави на дневен ред овој предлог закон, а до пратеничката група на СДСМ да даде поддршка на истиот.

Со поддршката на предлог законот на Достоинство ќе се исправи една голема неправда нанесена на воените инвалиди и семејствата на загинатите бранители, но воедно ВМРО ДПМНЕ ќе ја тргне блокадата на Законот за вработените во одбраната кој го блокираа со над 1.500 амандмани.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.