Српскиот патријарх Порфириј објави инсерти од пречекот на македонската црковна делегација предводена од г.г. Стефан во Белград.

Како што ѕвонат ѕвоната на Светосавскиот храм, така и нашите срца бијат од радост поради овој благословен ден. Добредојдовте, мили браќа! Добредојде брате архиепископе Стефане и владико. Добредојдовте во заедницата на љубов, вие и сиот ваш благољубв народ. Браќа сме и само браќа, напиша Порфириј.

Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) ја прифати поканата на Српската православна црква (СПЦ) за одржување на литургија на помирување утре во храмот „Свети Сава“ во Белград.

„Ја прифативме поканата од српскиот патријарх, односно Соборот на Српската православна црква за да се воспостави евхаристичко единство со сиот православен свет, се разбира со оваа архиерејска литургија што ќе се отслужи утре во Соборниот храм посветен на „Свети Сава“, изјави денеска портпаролчот на МПЦ, владиката Тимотеј.

Литургијата ќе почне утре во девет часот, а српскиот патријархот Порфириј, како што наведуваат, српските медиуми, го повикал верниот народ во што е можно поголем број да присуствува на архиерејската литургија.

Литургијата за помирување доаѓа откако Соборот на СПЦ пред два дена соопшти дека за Македонската православна црква го прифаќа статусот на најширока можна автономија односно целосна внатрешна независност, кој ѝ бил доделен уште во 1959 година.

Ставот на српската црква дојде по одлуката од 9 мај на Вселенската патријаршија за признавање на црковната јерархија на Охридската архиепископија предводена од архиепископот Стефан за канонска и валидна во сеправославниот свет. Тогаш во соопштението Вселенската патријаршија наведе и дека се остава на најсветата црква на Србија да ги уреди управните прашања што ги има помеѓу неа и црквата во Македонија, во рамките на светоканонскиот чин и црковното предание.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.