По доставена анонимна пријава до Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК), оформен е предмет за постоење незаконитост при доделување средства на грант на трговско друштво „ИНТЕЛИГЕНТА ДОО Скопје“, чиј основач е член на Комисијата за електронски комуникации при Агенцијата за електронски комуникации.

На денешната седница на ДКСК, овој случај беше разгледан при што беше истакнато дека бил доделен грант од 30 илјади евра во денарска противвредност. Заради проверка на изнесените наводи во пријава и утврдување на целосната фактичка состојба во предметниот случај, ДКСК побарале информации и податоци од АЕК, Фондот за иновации и технолошки развој, извршен е увид во тековната состојба и историјатот на промени за посоченото трговско друштво во регистарот.

По разгледување на добиените информации и податоци како и на целокупната релевантна документација, ја утврдивме следнава фактичка состојба, друштвото за наука и инженерство „ИНТЕЛИГЕНТА ДОО“ Скопје е основано на 3.12.2018 година, еден од основачите е Горан Велинов од Скопје. Горан Велинов е член на Комисијата за електронски комуникации при АЕК, во два мандата од 15.06.2009 до 15.12.2014 година и во период од 16.02.2015 до 16.08.2020 година. Во текот на вториот мандат на лицето, трговското друштво, чиј сопственик е истото лице на 06.06.2019 склучил договор со ФИТР, а за доделување средства преку инструментот за поддршка кофинансирани грантови и новоосновани друштво – стартап со кој му се одобрени финансиски средства во форма на кофинансиран гранд во износ од 30.000 евра во денарска противвредност – истакна Нури Бајрами, член на ДКСК.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.