Претседателот на македонското собрание Талат Џафери и министрите од актуелната влада – Артан Груби, Фатмир Бесими, Крешник Бектеши и Јетон Шаќири, како и еден поранешен, Арбр Адеми, го придружуваа лидерот на нивната партија ДУИ Али Ахмети при посетата на фабриката за производство на душеци „Комодита“ на „Деволи корпорација“ во Ѓаковица на Косово.

Посетата се случила во саботата, а „Клан Косова“ објави видео на кое се гледа како нашите министри за економија, образование и финансии, на чело со првиот вицепремиер и спикерот го проверуваат квалитетот на душеците и прават обиколка на фабриката.

Со целиот тим од Cеверна Македонија, владиниот кабинет, претседателот на Собранието, дојдовме да ја видиме оваа големина, оваа голема инвестиција за Косово, каде пет илјади семејства јадат леб од оваа организација. Пет илјади семејства го организираат животот, училиштето, затоа нема поголемо богатство за државата од овие луѓе кои ги ризикуваат своите инвестиции, својот капитал, своите умствени и физички способности, за да му служат на народот, рекол Ахмети.

Како што пренесува ТВ Клан тој рекол дека нивната радост ќе се удвои доколку корпорацијата Деволи ја изгради истата „Комодита“ и кај нас.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.